Апелација му ја зголеми казната на 20 години затвор на кавадарчанецот Илија Панов, осуден за убиството на партнерката

Апелациониот суд во Скопје донесе одлука со која ја зголеми затворската казна за Илија Панов од Кавадарци, осуден за убиството на неговата вонбрачна партнерка Сузана Серенакова. Наместо првично изречените 16 години, тој правосилно е осуден на 20 години затвор.

Од Основното јавно обвинителство Кавадарци за „СДК“ потврдиле дека второстепениот суд ја уважил нивната жалба во однос на висината на санкцијата. Воедно, жалбата поднесена од обвинетиот била одбиена.

Случајот се однесува на убиството што се случило во јануари 2025 година во стан во Кавадарци, каде што престојувала жртвата. Нејзиното тело неколку дена подоцна било пронајдено од нејзината ќерка.

Според наодите од судско-медицинското вештачење, причината за смртта било задушување, откако насилно ѝ биле затворени устата и носот. Психијатриското вештачење покажало дека обвинетиот во моментот на извршување на делото бил целосно пресметлив.

Иако Панов во текот на постапката тврдеше дека не бил на местото на настанот, обвинението било поткрепено со ДНК-докази пронајдени на облеката и под ноктите на жртвата. Дополнително, вештачењата утврдиле и одбранбени повреди кај Серенакова, кои укажуваат дека се обидувала да се одбрани за време на нападот.

За кривичното дело „убиство при семејно насилство“, за кое беше осуден Панов, Кривичниот законик предвидува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.

Back to top button
Close