Аплицирање за Конкурсот за книжевната награда „Пегаз“ до 1 јуни
Осмиот конкурс за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2026 година е отворен и трае до 1 јуни 2026 година. Добитникот на наградата, востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, ќе биде прогласен на 2 септември оваа година.

За наградата „Пегаз“, како што посочуваат од издавачката куќа, можат да конкурираат необјавени романи (ракописи) за возрасни, напишани на македонски јазик и со кирилско писмо, што авторите ќе ги достават на електронската пошта [email protected], како ворд или ПДФ-документ.
Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.
Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
„Пегаз“ е производ на идејата за откривање нови писателски гласови што ќе придонесат за унапредување на книжевниот вид роман во рамките на македонската книжевна продукција. Наградата е востановена во 2019 година и е замислена како продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023), „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024) и „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска (2025), наведуваат од издавачката куќа.






