Јапонска филозофија: Совети против мрзеливоста

Психолозите ја дефинираат мрзеливоста како недостаток на волја за вложување напор или енергија во постигнувањето на одредена цел. Мрзеливоста, вообичаено, е една од општествено најнепосакуваните особини, којашто уште во раното детство му се припишува на темпераментот (што се посочува како вроден), а подоцна и на недостатокот на работни навики, коишто се стекнуваат.

Мрзеливоста, обично, се јавува периодично и се верува дека тоа претставува ментална состојба, намерен чин или личен избор. Може да биде последица на надворешни и внатрешни фактори, при што надворешните фактори, честопати, се изговори. Причините за мрзеливоста може да бидат и стравот од неуспех – поради недостаток на самодоверба, како и избегнување одговорност. Од друга страна, пак, расположението е состојба во којашто Вие понекогаш се чувствувате апатично и лошо… Постојат многу причини поради коишто една личност може да се чувствува мрзеливо, вклучувајќи хормонални промени, недостаток на сон, нездрава исхрана, недостаток на физичка активност и стрес.

 

Јапонците се вообичаено познати како вредна нација која ја цени работата и дисциплината. Јапонската култура, во таа смисла, има неколку древни техники што им помагаат на луѓето да ја надминат мрзеливоста и намќорливоста, пишува порталот „Политика“.

Методот „Кајзен“ се заснова на постепеното подобрување и усовршување. Овој концепт вклучува поставување мали цели и постепено нивно постигнување, што помага да се надмине отпорот, и така да се зголеми мотивацијата. „Кајџен“ методот, пак, вклучува обврска да се почне за кратко време – за една или 5 минути, во зависност од сложеноста на активноста, секој ден приближно во исто време. Ако, на пр., не можете да се натерате да прошетате, почнете со одлука дека ќе појдете за 5 минути. Доколку „сте се послушале“ себе и сте пошле за 5 минути, веројатно и ќе продолжите да го правите тоа.

„Икигаи“ е јапонски концепт што се однесува на целта на животот или причината за постоењето. Овој концепт Ве советува да ги пронајдете нештата што Ве прават среќни и исполнети, а потоа го користите тоа како водич за Вашите одлуки и постапки. Ако на пр., уживате во пишувањето и имате талент за тоа, Вашето „икигаи“ може да биде блогирање за теми што Вас Ве интересираат.

 

„Шошин“ е јапонски збор што се однесува на – „отворен ум“. Овој зен-будистички концепт вклучува отвореност и прифаќање на новите знаења, искуства и учења. „Ако Вашиот ум е празен и неоптоварен – тој е отворен за сите можности“, гласи една крилатица.

Концептот „Хара хачи бу“ советува умереност во јадењето. Според ова учење, човекот јаде додека не се засити за 80 отсто – доволно за да се чувствува задоволен, а никако да не се прејаде. Ако се прејадете – ќе станете мрзливи, веруваат Јапонците.

Филозофијата „Шинрин-јоку“ се однесува на прошетка во природата, а буквално се преведува како „капење в шума“. Овој концепт вклучува време во природа за да се опуштите и да се поврзете со природата. На овој начин, човекот нема да има време за мрзеливост и намќорливост. „Ваби-саби“, пак, нѐ учи на наоѓање убавина во несовршеноста и минливоста. Овој концепт вклучува ценење на убавината на нештата што се едноставни, скромни и природни… Како што е работата за којашто сте платени.

На крајот, „Ганбару“ на јапонски значи „упорност, напор“. Ова учење се однесува на трпението, обидите и доследноста во трудот и напорната работа – најдобро што можете, за да ги постигнете Вашите цели.

Back to top button
Close