Арбер Адеми за средбата Мицкоски-Таравари: Секој глас за „Вреди“ е глас за ВМРО-ДПМНЕ

Секој глас за „Вреди“ е глас за ВМРО-ДПМНЕ, напиша потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми коментирајќи ја денешната средба меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со еден од предводниците на коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и доскорешен кандидат за претседател на државата, Арбен Таравари.

 

Потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми / Фото: Архива

Краткиот коментар Адеми го сподели на неговата фејсбук-страница, покрај фотографијата од средбата меѓу Мицкоски и Таравари.

Средбата, како што објави ТВ 21 се случи во седиштето на коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.

„ВМРО – Вреди! Гласот за Вреди е глас за ВМРО! Никој не може да го отфрли народот! Се гледаме на 8 мај! Ќе се случи народ“,вели Адеми во објавата на Фејсбук.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ ја потврдиле средбата меѓу лидерот на партијата и Таравари. Оттаму велат дека на средбата Мицкоски и Таравари разговарале за принципите за можно идно коалицирање и заедничка соработка.

„Точно е дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски имаше средба со Арбен Таравари попладнево и се разговараше за принципите за можно идно коалицирање и заедничка соработка“, одговориле од ВМРО-ДПМНЕ за денешната средба на лидерот на партијата со Таравари.

На прашање на ТВ 21 за што се разговарло на средбата и со зошто на неа не биле присутни другите лидери на коалицијата, од „Вреди одговориле дека сите лидери се во целосна координација, а не биле присутни поради активностите на терен.

„Поставена е агенда за совладеење, главно насочена кон борба против криминалот и корупцијата. Сите лидери се во целосна координација за средбата, но имаа активности на терен бидејќи се носители на листи во областите“,рекле од Вреди за ТВ 21.

Инаку, Мицкоски вечерта по првиот круг од претседателските избори што се одржа на 24 април изјави дека му се јавил Таравари, кој беше еден од седумте кандидати за шеф на државата, за да му честита за учеството на претседателските избори и да му посака успех на парламентарните и иднина во власта.

Од ВМРО-ДПМНЕ нема информација дали на средбата било разговарно и на тема околу уставните измени, што коалицијата „Вреди“ ги посочува како еден условите за евентуална нивна партиципација во идната влада.

Back to top button
Close