Археологот кој ги откри останките на цар Самуил ќе добие улица во Софија

Од ГЕРБ-Софија ќе предложат улица во бугарската престолнина да го носи името на грчкиот археолог и професор Николаос Муцопулос, кој во 1969 година ги откри гробот и посмртните останки за кои се смета дека му припаѓаат на цар Самуил.
Иницијативата ќе биде доставена до Советот на град Софија, а предвидено е Муцопулос постхумно да биде одликуван и со почесен знак на Град Софија,
Грчкиот археолог, архитект и универзитетски професор до откритието дошол при археолошките ископувања во базиликата „Св. Ахил“ на островот во Малото Преспанско Езеро. Тој посветил години на истражување и зачувување на пронајдените останки.
Муцопулос бил почесен доктор на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, Пловдивскиот универзитет „Паисиј Хилендарски“ и Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“, како и почесен член на Бугарската академија на науките.
Иницијативата доаѓа во период кога, според најавите од Бугарија, посмртните останки на цар Самуил треба да бидат положени во црквата „Света Софија“.






