Арсовска: Лик како Вики Ганиу би требало да добие грант за иновации, кога веќе не добива кривична пријава за над 150 дивоградби
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го обвини градоначалникот на општина Чаир, Висар (Вики) Ганиу, дека дозволил легализација на над 150 незаконски и опасни дивоградби во својата општина. Арсовска иронично предложи Ганиу да добие грант од Фондот за иновации, доколку не биде покрената кривична пријава против него, бидејќи според неа, успеал „да најде начин како да патува низ времето“.
„Ако ги погледнеме двете сателитски снимки, од кои првата е направена денес, а втората во 2023 година, ќе забележиме дека Ганиу успеал да изгради зграда која наводно постоела пред 2011 година, иако официјалната снимка од Катастар јасно покажува дека таков објект во 2023 година таму немало“, тврди Арсовска во својот Фејсбук-статус.
Таа обвинува дека Јавното обвинителство не презема никакви чекори за оваа очигледна неправилност и изразува загриженост дека доказите во општина Чаир би можеле да бидат уништени.
„Очекувам системот на Катастар мистериозно да падне, а доказите во општината да исчезнат. За ова веќе имавме информации и јавно ги изнесовме, но никој од надлежните не реагира да ги обезбеди овие докази“, истакнува Арсовска.
На крајот од својата објава, Арсовска апелираше надлежните да реагираат, порачувајќи дека Ганиу мора или да одговара со кривична пријава за фалсификување на документи и овозможување бесправна градба, или, иронично, да биде награден за „иновацијата“ во патувањето низ времето.