Јас, Трифун

Почитувани читатели, денешнава колумна која вообичаено ја посветувам на стечајот на Еуростандард банка, ќе ја искористам да ја напишам сопствената биографија, својот животен пат, за да ја доближам до јавноста суштината за мене како човек, родител и родољуб. Ме поттикнаа оние т.н. ,,сезнајковци” ( озборувачи без аргументи) кои што поради моето перманентно присуство на социјалните мрежи, последните 4 години, си даваат за право да ме навредуваат. Нивната неаргументирана потреба за јавни навреди е токму поради стечајот на Еуростандард банка. Сакам и јас, јавно да им дадам до знаење дека со нивните ниски удари нема да ме повредат. Јас сум човек кој што никогаш не отстапува од целта, доколку сметам дека е праведна и хумана.

Роден сум во Скопје, некогашно Ново маало до зградата на Црвен крст и некогашната амбуланта на РСВР. Имам постар брат. Живеевме и растевме опкружени со родителска љубов кои што нѐ издржуваа со една службеничка плата на мојот татко кој работниот век го помина како адмнистративен службеник во Војната болница, во бившата СФРЈ.

Платата не беше доволна за покривање на основните животни потреби на нашето семејство. Се издржувавме работејќи дополнително, без никого да повредиме или не дај Боже ограбиме.

Основно училиште завршив во училиштето ,,11 Октомври”, а гимназиските денови ги поминував во Гимназиите ,,Јосип Броз- Тито”, Скопје и ,,Јосип Јосифовски – Свешарот” во Гевгелија. Скопскиот земјотрес беше од клучните причини што еден дел од моето гимназиско школување го поминав во Гевгелија. Економскиот факултет го завршив на Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј” со низок просек, но во експедитивен временски рок од 3 години.

Од раѓање па сѐ до својата 12 -та година секое лето го поминував во Гевгелија. Научив да садам тутун, да го собирам, нижам, сушам , калапам, а додатно да го исплевам и коренот од тутун. Научив како се прави расад од ран зеленчук, домати и пиперки, научив како се одгледуваат домати кои што секоја година мораа да бидат зрели пред крајот на мај. Тоа беше како магија од зеленчук распространета на сите пазари низ Југославија.

Токму во Гевгелија го стекнав моето земјоделско знаење и искуство кое во животот до ден денешен многу ми значи. Умеам да ја препознам и почитувам маката на земјоделецот, чиј труд сѐ уште не е валоризиран и награден.

Од својата 12-та година сум работел на истоварната станица во Скопје, каде се истовараа јаглен и дрва. Најтешко ми беше кога требаше да се истовари цемент во вреќи тешки 50 кг. Да, истоварав и цемент! Во фабриката Мичурин за преработка на овошје бевме надничари во проверките на квалитетот и откупените количини на праски, кајсии, јаболка и крушки- сезонско овошје.

Летните одмори, за време на моите гимназиски денови, ги минував во Словенија и Хрватска, продавајќи по пазарите на големите урбани средини како Љубљана, Марибор, Цеље, Велење, Загреб, Риека, ран зеленчук (домат и пиперки) како и овошје (грозје, кајсии и праски).

Со тргувањето на ран зеленчук и овошје по пазарите низ некогашна Југославија, продолжив и за време на моите студии, секако во пократок период бидејќи јунската сесија за полагање на испити беше најсилна и најдолга. Научив како е да се биде од двете страни на тезгата, и како продавач и како купувач.

На 15 години ми се појави чир на дванаесетпалечното црево и проширени вени на мојата лева нога. Чирот ми прсна на 18 година, морав да се оперирам. Вените, кои што прераснаа во цели гроздови на мојата лева нога, ги извадив кога имав 34 години.

Денес, за себе можам да кажам дека сум дете на Господ, бидејќи после овие две операции зајакнав и моето здравје се движеше во сѐ подобра кондиција. Тоа ми даде сила да стасам до ова каде што сум денес.

Болежливоста во раното детство на секој поединец е сериозен предизвик за неговиот натамошен живот и здравје, затоа повторувам дека Господ бил со мене.

По дипломирањето на Економскиот факутет се вработив во Технометал-Македонија, далечната 1971 година.

Фирмата Технометал во тие времиња важеше за гигант со повеќе од 2000 вработени. Имаше три основни организации на тргување, а тоа беа: внатрешен промет, малопродаја и увоз-извоз. Јас се вработив во секторот неметали во тогашното увоз-извоз ОЗТ како приправник. Во тогашниот Технометал Вардар, токму ова ОЗТ беше собиралиште на високо образован и млад кадар кој што требаше да го засили меѓународното тргување со земјите од бившиот Варшавски пакт и Западана Европа.

Првиот лист хартија со деветте божји заповеди ми беше ставен на моето биро, од страна на тогашниот директор на сектор господинот Душан Ристиќ, како начела што значи да се работи во меѓународната трговија. И денес ја паметам последната заповед која вели: „и во моментот кога партнерот со кој соработуваш не е во право, ќе му дозволиш да биде во право и да бидеш мудар да го сочуваш како партнер”

Во секторот неметали работев во деловницата за огноотпорни материјали, која ја водеше мојата шефица Ленче Ханџиска.

Сите 13 години, поминати во деловницата за огноотпорни материјали ме издигнаа како личност која најдобро ја познава огноотпорната индустрија во некогашна Југославија. Со денови поминував во производствените погони и лаборатории на најсилните производители во тогашна Југославија, Силика-Гостивар, Магнохром-Краљево, Шамот-Аранѓеловац, Ватростална Бусовача-Зеница и производителот во Хрватска- Бедековчина.

Научив и знаев кои од овие производители, за која индустрија и со каков материјал можам да ги продавам низ тогашните земји на Варшавскиот пакт, вклучително и СССР, како и земјите од Европа, Италија и Австрија.

Времето поминато во Силика-Гостивар за мене беше докторска дисертација во познавањето на огноотпорните материјали и нивната примена во сите можни индустрии. Мене лично ми ги отвори вратите на понатамошниот животен пат.

Токму преку огноотпорната индустрија, јас почнав да работам во црната металургија, откако ја формирав сопствената фирма Кометал. Се стекнав со многу пријатели во Полска, Чешка и Словачка, кои во периодот кога се распаѓаа источно-европските земји од комунизмот, побараа да помогнам во закрепнување на нивните економии.

Цели 20 години за железарите во Полска, Словачка и Чешка испорачував меѓу 3-4 милиони тони железна руда, првенствено концентрат, агло-руда, пелети и брикети.

Во тие тешки моменти кога владееше беспарица во источно-европските земји и сериозна криза во црната металургија на светско ниво, успеав да ги одржам во живот најсилните железари , меѓу кои беше и Хута-Катовица. И денес многу ми значи благодарницата која ја добив од Владата на Република Полска за мојата верба во нивниот комбинат и државата Полска, бидејќи во тие времиња долгот на железарата беше повеќе од 160 милиони долари, а имаа сериозни потреби од натамошна испорака на железна руда.

Денес, мојата историја со работа во црната металургија е минато. Глобализацијата која се појави во раните 90-ти години не успеав да ја препознам и да го најдам своето место.

Со стекнатиот капитал решив да се вратам во својата татковина, сакајќи да ѝ помогнам на сопствената држава во нејзиниот натамошен развој, иако ми беше понудено од сериозни пријатели моите инвестиции да ги пренасочам во земјите на далечниот исток, првенствено Австралија.

Се одлучив за мојата Македонија. Ако денес ме прашате дали чувствувам вина за ваквата одлука, мојот одговор е ,,да”, бидејќи имав сериозни проекти, предложени од владата на Австралија, за инвестициони зафати во сите сфери на сировини од овој континент, кои што денес многу значат за севкупната светска заедница.

Во мојот случај, токму тука исплива на виделина човечката несовршеност. Инвестирав во Македонија со љубов и емоции, но бизнисот не препознава емоции.

Убеден сум дека многумина ќе ми замерат за денешнава колумна, бидејќи многумина од вас ќе ја доживеат како себе промоција или фалење. Посакувам да ме разберете дека искреноста ми е вродена, негувана и неприкосновена, синоним број еден врзан за мојот карактер.

Кога веќе ѝ се посветив на мојата татковина тогаш си давам за право да дознаете кој сум.

Ќе продолжам да пишувам за неправдите кои што мојата татковина ми ги направи, не само со случајот на Еуростандард банка, туку и во случајот со Градски аптеки, Порцеланка, во случајот со Кермес, угостителски објект и симбол на Скопје и скопјани, како и многу други ниски удари.

Не можам да го разберам поривот на мои сограѓани, кои поради свои лични фрустрации или неуспеси, вината ја бараат во мене и слични на мене.

Продолжувам во мојата борба, а дали тоа некому ќе му се допадне или не, тоа е негов избор.

Упатувам порака дека стојам спремен да одговарам за било какви недела направени во светот и во мојата татковина.

Животот ме научил да бидам цврст, истраен, доследен и правдољубив.

 

Трифун Костовски

Back to top button
Close