Атанасоски за пораката на Сиљановска – Давкова дека „не е време за реформи“: Извештајот од ЕК е само патоказ, како да се спроведат реформите!

Ова не е време за реформи, за жал, бидејќи времето наликува на време на војна, или пред војна, и тоа не е време кога можат да се прават реформи“ – ова е само дел од изјавата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на која беше разгледан последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Ваквата констатација е спорна во моменти кога земјата со децении чека на европските преговори, иако од друга страна е војната во Украина и се почестите шпекулации дека Русија претставува воена закана за цела Европа.

Околу тоа дали изјавата е политички сигнал, дел од јавноста смета дека вакво нешто е несфатливо од шеф на држава односно од првиот човек по Устав. Претседателот е тој кој учествува и во креирањето на надворешната политика.

Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, реформите на крајот од денот се всушност само заради нас како граѓани и како општество за подобрување на севкупните амбиентални состојби во државата кои се ужасно катастрофални – од тие во судско-обвинителскиот, функционалноста на институциите на системот, заштитата на животната средина, подигнување на животниот стандард, состојбите во здравството и образованието.

-Извештајот од ЕК е само патоказ, како да се спроведат реформите, но сето тоа зависи исклучиво од нас, истакнува Атанасоски во разговор за „Локално“.

Запрашан дали навистина треба да ги запоставиме реформите во вакви моменти и да ги насочиме напорите во друга насока, во овој случај безбедност, соговорникот децидно негира бидејќи, како што вели, тоа би било само изговор за неспроведување на реформите.

-Ние сме земја-членка на НАТО и апсолутно во дадениов момент, нема никаква опасност за агресија однадвор, дури ни опасност од внатрешен воен конфликт, појаснува Атанасоски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција остро реагираше на изјавите на претседателката. Тврдеше дека екс-премиерот Никола Груевски се уште има големо влијание во неговата поранешна партија.

„Не може да си дозволи претседателка на државата, која пред само година ипол доби половина милион гласови, да каже дека ова не е време за реформи. Неколку дена пред тоа Никола Груевски од Будимпешта напиша пост во кој зборуваше дека Европа е во време на војни. Се повеќе ќе станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ го контролира Никола Груевски од Будимпешта. И тие се само извршители на неговите политики и ништо друго“ рече Филипче.

Околу тоа дали истите размислувања се само случајност или постои координација, Атанасоски му порачува на Филипче дека „треба да се погледне прво самиот себе бидејќи е најочигледно дека тој е контролиран од Дубаи од претходниот лидер на СДСМ и премиер, како и од неговиот фамозен брат“.

-Да не се занимава со внатрепартиските состојби во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, туку нека си го гледа својот двор,односно својата партија која е во клиничка смрт и под егзистенционална закана. Веројатно нему ич не му е гајле за тоа или е во омерта – целосно уценет со инкриминирачки и други компромитирачки материјали, како за поранешен функционер од извршната власт, оценува аналитичарот.

Back to top button
Close