Австријците не застануваат, преморените 96 пожарникари заменети со 114 нови

На аеродромот во Виена синоќа беше извршена замена на австриските пожарникари-доброволци кои ги гаснеа пожарите во Малешевијата. На местото на досега активните 96, испратени нови 114.

 

Во Северна Македонија пристигнаа свежи 114 пожарникари од Австрија кои ги менуваат 96-те кои деновиве ги гасеа огнените стихии во источниот дел на земјата. На Фејсбук страницата на Противпожарната служба на Долна Австрија беа споделени информации и фотографии од примопредавањето на должноста на пожарникарите.

Брзата замена на преморените пожарникари кои влегоа во речиси деноноќна борба со пожарите во Малешевијата ја овозможиле првите луѓе на аеродромот во Виена и на австриската национална авиокомпанија (Аустриан Ерлајнс), кои ги пренеле пожарникарите од и до Скопје со авион Ербас.

„Во итни случаи брзата поддршка е многу важна. За доброволните противпожарни бригади на Долна Австрија, ова е една од најголемите прекугранични операции против катастрофи и ние сме среќни што го даваме својот придонес”, изјави директорот на аеродромот во Виена, Гинтер Офнер.

Првата група австриски пожарникари во С. Македонија пристигна во петокот, а според информациите од теренот, нивната помош била непроценлива во битката со пожарите, како и онаа на пожарникарите од Словенија. Тие се сместени на стадионот во Пехчево со целата опрема која ја донесоа со себе.

Во регионот на Долна Австрија, околу 1.700 пожарникари- доброволци ја обезбедуваат безбедноста на околу два милиони жители. Во регионот на Долна Австрија нема ниту еден професионален пожарникар, а целата служба функционира врз основа на доброволен и волонтерски ангажман.

Извор: дв

 

Back to top button
Close