Бајден потврди дека се размислува на Украина да се испратат борбени возила Бредли

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека се разгледува опцијата за испраќање оклопни борбени возила Бредли во Украина, дел од уште еден пакет помош во оружје што ќе биде објавен во наредните денови.

„Да”, одговори Бајден на прашањето дали таа опција е „на маса”, пренесе Хина.

Бредли е оклопно возило со моќно оружје, кое американската војска го користи од средината на 1980-тите. САД располагаат со илјадници Бредли, а американските медиуми оценуваат дека некои од нив сигурно би им помогнале на Украинците во борбата против руската инвазија.

Не е познато колку „Бредли” се наменети за Украина, но Соединетите Американски Држави подготвуваат уште еден пакет помош во оружје, кој ќе биде објавен во наредните денови.

Локалните медиуми уште посочуваат дека Бајден размислува за испраќање возила Бредли, но не спомнал ништо за тенковите Абрамс, кои Украина ги бара.

Back to top button
Close