Бајден поубедлив од Трамп во дебата без јасен победник!

Вечното прашање во американската современа политика – Дали телевизиските дебати на претседателските кандидати менуваат нешто суштинско во определбата на гласачите во САД на месец дена пред изборите? – се стави и ноќеска на проба во првиот од трите најавени предизборни ТВ-судири помеѓу Доналд Трамп и Џо Бајден. Традиционално, овие дебати имаат голема гледаност, па како што вели „чичко Гугл“,  првата, во 1960 година, помеѓу Никсон и Кенеди, ја гледале во живо 66 милиони Американци од тогашните 179 милиони тамошни жители; во 1980, на пример, телевизиското надмудрување на Картер и Реган во живо го следеле 80 милиони гледачи од 226 милиони жители; а првата дебата на минатите избори, во 2016, помеѓу Трамп и Хилари Клинтон ја следеле 84 милиони гледачи од тогашните 323 милиони Американци.

И во апсолутни и во релативни цифри, интересот за тоа врвно политичко шоу е огромен, особено кога на телевизиските, ќе се додадат и милионите гледачи (како мене) кои во целиот свет на интернет платформите се вклучиле во живиот пренос од Кливленд, во Охајо. (Патем, сум бил во Кливленд, своевремено важеше за најдепресивниот индустриски град во Америка, со најголем годишен просек на самоубиства… А за време на оваа 90 минутна дебата беше под вистинска полициска и разновидна протестирачка опсада.)

„Заспаниот Џо“ (како што подбивно го нарекува Трамп својот опонент Бајден) е 47 години во политиката, наспроти 47-те претседателски месеци на Доналд кои го променија светот: жестоката конфронтација е меѓу Бајденовото политичко искуство и неговиот човечки интегритет и емпатија; наспроти контроверзноста на Трамп и неговите неизбрусени политички инстинкти. На пример, колку за илустрација, ден пред дебатата, Бајден ја објави висината на неговиот платен федерален данок за 2019 година што изнесува близу 300.000 долари; наспроти Трамп кој, во 2016, годината кога стана претседател, и во 2017 (според податоците до кои пред два дена дошол „Њујорк Тајмс“, а кои Трамп веднаш ги прогласи за „фејк њуз“) платил по неверојатни – 750 долари! (За да се ослободи од данок, Трамп во годините пред тоа како трошок пријавувал дека, додека го водеше своето ТВ-шоу „Апрентис“, за одржување на фризурата трошел по 70.000 долари, а неговата ќерка Иванка дури 95.000 долари годишно! Но, според објавените финансиски податоци, во наредните четири години на Трамп му пристигнуваат шокантни 421 милион долари на име отплата на рати за кредитите, и кон странски банки, со кои се оптоварени неговите, главно, пропаднати бизниси, за кои никој жив не може да објасни од каде ќе ги плати… И така натаму.)

Самата дебата беше жестока, повремено хаотична, многу лична (дури и со патемни карактеризации за членови од семејствата), со бројни меѓусебни непријателски прекини и обвинувања за лажење, со иронични насмевки и потценувачки гестикулации, во долги пасажи со надвикувања и покрај обидот за „цврсто“ водство на разговорот од страна на водителот Крис Валас (прочуен водител на конзервативната телевизија Фокс Њуз, со 50 годишно новинарско искуство и диплома од Харвард). Бајден почесто се обраќаше директно на гледачите, додека Трамп беше понервозен, поагресивен и дефанзивен, дури и кон водителот Валас, кој често мораше да го подигне гласот и да влезе во полемика со него за да го „дисциплинира“ однесувањето на Трамп.

„Вие сте најлош претседател што кога било го имала Америка!“ (Бајден)… „Јас сум направил многу повеќе од тоа што вие кога било би го направиле!“ (Трамп)… Бајден во еден момент го нарече Трамп „кловн“; Трамп возвраќаше со сомневање за луцидноста на Бајден. Зборот „лажго“ беше најчесто употребуваниот синоќа.

Меѓутоа, на сите важни теми, вклучувајќи ги и оние за кризата со пандемијата, за меѓурасните односи и за економијата во САД, Бајден беше поубедлив. Тој имаше шанса да говори за своите визии, Трамп мораше да ги брани резултатите од своето четиригодишно владеење. А потоа обвинувања и контраобвинувања и меѓусебни навреди…

Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.

Back to top button
Close