Бах: Олимписката порака за мир да биде инспирација за политичките лидери

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Томас Бах денеска свечено ги прогласи за затворени 24. Зимски олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг и ги повика спортистите повторно да се соберат за четири години во Милано и Кортина Д‘ Ампецо.

Изминатите три недели во седум спортови и 15 дисциплини настапија 2.871 спортисти од 91 држава, а најуспешна нација беше Норвешка со рекордни 16 златни медали.

Македонскиот олимписки тим го претставуваа биатлонците Ана Цветановска и Ставре Јада, додека знаменосецот Дардан Дехари поради повреда не настапи на трките во слалом и велеслалом.

– Вие спортистите не само што меѓусебно се почитувавте, туку и се поддржувавте, па дури и се прегрнавте, иако вашите земји можеби се во судир. Ги надминавте поделбите и покажавте дека во оваа заедница сите сме еднакви без разлика од каде доаѓаме, како личиме и во што веруваме. Оваа обединувачка сила на олимпискиот дух е посилна од силата која се обидува да не подели. Таа сила му дава сила на мирот. Вашата порака на солидарност и мир треба да биде инспирација за политичките лидери, порача Бах во завршното обраќање на Игрите во Пекинг.

Back to top button
Close