Баналноста на В. Андоновски

Андоновистика (трет дел)

Некои текстови просто се излеваат од вас. Дотолку повеќе кога тезата и личноста на која некако спонтано ви доаѓа да изреагирате радо би ја прескокнале.

Или правите нешто фино – трчате на сонце.

Според Венко Андоновски „четири основни столба на човештвото се добро, зло, машко и женско“! Ликот на Венко Андоновски со кренати четири прста „благоглаголи“ против сексуално образование, родот, родовата еднаквост против сите ничеовски идентитети кои еве ги испревртеле и ги загрозиле неговите во-камен-вдлабени идентитетски поделби. Во нив секако и прастарата Македонија, папокот на светот, лулка на Европа која никој и никогаш не може да и соли памет за ништо оти таа знае однапред. А некои “од каде ли се измолкнале и од која дупка ли се појавиле” ги релативизирале поимите на доброто и злото, на машкото и женското“.

Се ‘рвате со себе да го истерате од глава, да ја изигнорирате таа суштинска лага, осмислена фино и поетично залепена на свеста на публиката која авторот ја има предвид, онаа на која треба да и е благодарен што го прави автор чии дела се објавувани неколку пати во иста година. Која неговите тези ги голта „ко алва“ и бара уште. И која низ годините научил да ја процени и однапред знае како да и ја продадете својата приказна. А во неа е сокриената идеологија и хетеронормативна педагогија да смрди на сите страни. Да, тоа е вештина, по ѓаволите, дијаболична вештина.

Додека дополнително се форсирате трчањето да биде релаксирачки напорно (Ники Минаж на слушалки сепак не може да ви го надгласа умот) улетува третиот дел:

‚‚…Гледајте сега што ни направи таа постмодерна од Ниче. Таткото. Прадедо на таа постмодерна филозофија која говори дека идентитетите се нестабилни, дека нема чисти идентитети. А тоа знаете што значи, дека нема вистина. Ако нема вистина нема правда и се е дозволено. Ако се е дозволено знаете што се случува нели?! 

Продолжив да трчам. Ми прелета дека Жижек има контратеза: Дека кога Бог е мртов, всушност се станува забрането. Тогаш текстов подолу почна да се создава во мојата глава, а трчањето се батали.

Ароганцијата и перфидноста кај професорот и неговата пресметано заводлива реторика е проблем кога сакате да открите дека тезите му се едноставно погрешни и дека манипулира (да не кажам лаже) кога своето „верување“ го обопштува и го прави наука што пак треба да биде водилка за образованието. Всушност ужасно ве нервира таа травестија, таа неетичност кога верувањата кои се плитки, јасни, конзервативни, хетеронормативни и насилни – се прекриваат со квази научна престилка.

Како тој всушност знае? Па не знае туку, како што сам вели, верува. И тоа го аргументира со фактот дека предавал антропологија, што едно со друго е каузално неповрзано (аrgumеntum ad-hominem) и не нуди никакво објаснување на што се заснова верувањето. Но, конечно, суштината на верувањето е во неможноста да се докаже. И во тоа е и суштината на верата во воскресението и безгрешното зачнување. Во чудата од другата страна на законите на физиката. И се е во ред додека е тоа лично, но во секуларна држава тоа не смее да се инфилтрира во образованието.

Сега малку подетално за светогледот на заводливиот јазик!

Теза број 1: 

Основа на светот се четири столба: „Машко, женско, добро и зло“

Во суштината на оваа слика е идејата за опозитни парови. Доброто е на другата страна на Злото. Неговата суштинска спротивставеност. Потполна спротивставеност. Не-добро. Негово исклучување. Доброто и злото НЕ СЕ И НЕ МОЖАТ ДА БИДАТ ЕДНАКВИ. По таа аналогија заклучокот од идејата за опозитни апрови кои се исклучуваат е дека мажот и жената се целосно спротивставени и тие не можат да бидат еднакви се исклучуваат, најмалку како нееднакви.

Заводливиот јазик би можел да се повика и на тоа дека во животот доброто и злото се во некаква јинг-јанговска комбинација за присуство на едното-во-Другото, за аниму-анима теза и сл. Но, тоа суптилно би го навело на слична аналогија за машкото и женското, а тоа е аналогијата од која бега „како ѓавол од темјан“. Сака чисти, јасни спротивставени идентитети. Лични или колективни сеедно. Таа теза дополнително ја засилува со:

Теза број 2:

Гледајте сега што ни направи таа постпомодерна. Ниче е таткото, прадедото на идејата која говори дека идентитетите се нестабилни, дека нема чисти идентитети и тн.”

Дали и со што се раѓаме, а што е социјално и идеолошки конструкт, кои искуства се битни во градење на нашиот идентитет, кој аспект од него е фиксен, а што флуидно? Веројатно да се обидете да стигнете до прецизен договор е влез во пеколот на безграничните толкувања. Но, идентитетите не се фиксирани и засекогаш исти, по ѓаволите. Дури и банално, да се погледнете ретроспективно самите себеси, какви сте биле пред пет години, можете да бидете изненадени од тоа колку далечен е тој човек. Некои цртани филмови успеаа поедноставно да ја претстават таа инаку прилично отимистична идеја дека имаме шанси да се промениме.

Мајкл Харт и Антони Хегри зборуваат за колективни (а со тоа неминовно и лични) идентитети кои се интеракција на сингуларитети во постојана соработка и здружување. Таквото „компонирањето на сингуларитетите не води кон единство или идентитет, туку кон сѐ полема автономија, за да биде секој од нив еднакво вклучен во мрежата на комуникација и соработка (Харт и Негри 2021:119). Таквата вклученост гради нова и заедничка субјективност. Односно гради идентитет кој е комбинација на различни сингуларитети, и е заснован на идејата за љубовта како филозофски и политички концепт кој во основа ја има „солидарноста, грижата за другите, градењето заедница и соработувањето на заеднички проекти за нив се клучни механизми на преживување (Харт и Негри 2021: 120).

На првиот прес за презентација на ССО беше кажано декаќе има фокус и на „превенција од сексуалното вознемирување и насилство „ќе се зборува за „прифаќање на себе, на своето тело, за градење релации со другите луѓе, создавање партнерски однос, дискусија околу своите емоции“ за да се намали бројот на млади кои „неинформирани влегуваат во одредени релации и односи, на погрешен начин, често повредувани, често злоупотребувани и често неприфатени од околината и од себе“.

Идејата на Харт и Негри за солидарност и грижа е далеку поблиска до концептот на дискусија за деликатни и табуизирани теми, отколку манипулацијата на Андоновски со љубовта кога предлага „љубовно образование“.

ССО ќе образува во насока на освестување за перфидните форми низ кои се манипулира со љубовта, на ранливоста и несигурноста и начините на кои идејата за љубов и потребата „да се биде сакан“ може да не направи ранлив пред манипулативните личности. Веројатно личноста освестена за перфидноста на манипулацијата ќе може утре да направи дистинкција меѓу љубовта се што личи на љубов, а не е.

 

Теза број 3:

...А тоа знаете што значи (идејата за нестабилни идентитети м.з.), дека нема вистина. Ако нема вистина нема правда и се е дозволено. Ако се е дозволено знаете што се случува, нели?!“

Значи Вистината. Тука влегуваме во неговата омилена тема – големите нарации. Ричард Рорти ја отфрла таа идеја за Големите вредности зад дејствувањето (како на пример, тука, дејствување во име на Вистината), но пишува за вредности како солидарност, еднаквост, недискриминација, а во дијалог со Другиот, односно „солидарност со страдањето на Другиот“. Емануел Левинас таа идејата ја носи на линија на ослободување, но слобода „во одговорноста кон другиот“. Не во наклон пред Бог и единствената Вистина, туку (според Левинас и буквално) гледајќи во лицето на Другиот и неговата ранливост и отвореност да биде повреден.

По Ниче и скандализираноста пред идејата дека идентитетот можеби не е стабилен, влетува во заклучок дека тоа значело дека „Нема вистина“ и следствено „Ако нема вистина нема правда“.

Пред да влезам во наредното филозофско објаснување каде оваа теза е неодржлива, нешто за правдата. Правдата во една демократска држава има се со „фактите“, но НЕ СО ВИСТИНАТА. Со предистражна, истражна постапка кога се откриваат фактите и се обезбедуваат докази. Тоа е важно за да се избегне манипулацијата со идејата дека сеопфатното сексуално образование ќе ја довело во прашање правдата. Ох Боже, која патетика!

Мојата вистина е дека авторот не се воздржува позицијата на привилегиран да ја искористи за уште еднаш да истури куп омраза и невистина врз лицата кон дел од заедниците кои се всушност ранливи.  И тоа низ еден заводливо змиски јазик да го претстави како грижа за вистината и правдата. Кога зборува за идеологија која доаѓа од Западот и треба да се отврли, всушност зборува за уште едно отфрлање на веќе отфрлените и ранливите.

Прашањето на идентитетите е едно од најкомплицираните прашања во психологијата, книжевноста, политичката филозофија и да се сведе на неколку реченици кои завршуваат со реторичко прашање формулирано на начин да се очекува потврда од аудиториумот со акламативен аплауз – е некако тажно.  

Бидејќи, повторно, неговиот избор која теза околу идентитите ќе му биде блиска зборува многу повеќе за неговите лични вредности, од било што во врска со идентитетите. Приказните во кои „веруваме“, кои ни значат, кои си го повторуваме и пречитуваме, зборуваат далеку повеќе за нас, отколку за светот надвор. Тие се идеолошките очила низ кои го гледаме светот, „столбовите на кои се заснова“. Кои ги аргументираат нашите избори, кои се утеха пред чувството на осамената исфрленост во светот. И нашата конечност. Но идејата дека нашите идеолошки-очила и нашите столбови се вистинските на кои образованието треба да биде засновано – е производ на авторитарен ум и својство на авторитарна личност . Сличен на оној на родителите на кои не им е доволна гаранција дека тие одлучуваат дали нивното дете ќе посетува ССО; па дополнително инсистираат да се забрани за да не може ничие дете да го слуша.

И конечно, што е со тие десeтици исклучителни андрогини ликови во книжевноста, со целата андрогина историја во литературата, митологијата, културата? Што е со фактот дека мажот има машки и женски хромозом, а жената два женски хромозома?  Со тоа што е се така измешано? Што со она што прво паѓа на памет: Орландо на Вирџинија Вулф, сензибилитетот во творештвото на Оскар вајлд. Нивните претходници како Емили Бронте. Целата античка митологија, Космосот на Емпедокле (милениуми пред прадедото Ниче) со првичниот хаос во кој летаат различни делови од кои се создава светот. Потенцијалот за создавање никогаш не произлегува од чист и јасен идентиетит кој е ограничен и сведен на сопственото бескрајно повторување.

Конечно и во идејата дека Бог пред да ги создаде мажот и жената всушност тој дуален потенцијал го носи во самиот себе. Кога во првата книга Мојсеева ги создава мажот и жената според образот свој логички гледано двата ентитета се првично присутни во неговата целина.

Но, од непознатото на темнината и бескрајниот потенцијал на можности за создавање, се враќам со една прилично  приземна теза: навистина е банален овој човек!

Лени Фрчкоска

Андоновистика (втор дел)

 

 

 

 

 

Back to top button
Close