Баш ме брига

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Не е до мерките. До непочитувањето на мерките е. И до неказнувањето. И не сум од тие што бараат повторно заострување на мерките. Само барам логика во одлуките на Владата. Како од оро на улица за време на дводневен полициски час во неделата, во четврток веќе стасавме до играње на маса во кафана? Како од препораките за возрасните сограѓани „седи дома, не мрдај, оти си ранлива група“ стасавме до бесплатен автобус за пензионерите да шетаат од пазар до пазар?

Затоа, мора да имаме избори. И нема тука што да се измислува со попуштање за едни или други за да се оправдаат изборите. Уште колку време можеме да издржиме вака, со техничка Влада во која секторот за внатрешни работи го минира секторот за здравство? Уште колку можеме да издржиме со влада во која ВМРО-ДПМНЕ прави сѐ за да се искомплицира ситуацијата за изборите да бидат што подоцна, а СДСМ и ДУИ се натпреваруваат која колку ќе им се додвори на своите гласачи? Уште колку време ќе издржиме да имаме власт што не ја контролира Собранието?

На крајот на краиштата, до кога ќе живееме со вонредна состојба?

Мицкоски нашол „канал за комуникација“ со Заев. Партиите од идеологија преминаа во епидемиологија. Власта од алгоритам премина на протоколи. Граѓаните од протоколи преминаа на едукација. А државата успешно се справува со кризата на тој начин што од „медицина базирана на докази“ се префрли на пракса базирана на „баш ме брига“.

Целата колумна на СДК на следниот линк.

Back to top button
Close