BBC: Евтини летни дестинации што стануваат хит во Европа
Сè повеќе туристи ова лето бараат поевтини, но автентични дестинации, бегајќи од класичните туристички рути и скапите all-inclusive аранжмани. Анализите покажуваат дека интересот се префрла кон „скриени“ места каде за помалку пари може да се добие повеќе – од плажи до природа и локално искуство.

Според податоците на британската асоцијација на туристички агенции, дури двајца од пет патници годинава планираат да посетат земја во која никогаш претходно не биле. Дополнително, глобалните тензии и растот на трошоците ги насочуваат туристите кон Европа, но со поинакви избори од досега.
Би-Би-Си истакнува неколку локации кои сè повеќе добиваат на популарност, инспирирани од Британците кои бараат попристапна и малку поинаква дестинација за летото.
Црна Гора
Црна Гора се наметнува како една од најбараните дестинации, особено кај помладите. Со кратки растојанија, нуди комбинација од плажи, планини и градови, што овозможува повеќе искуства во едно патување. Цените се пониски од традиционалните медитерански дестинации, што ја прави привлечна алтернатива за туристи со ограничен буџет.
Балтичка обала
Паралелно, расте интересот за балтичката обала (Естонија, Финска и Литванија) каде туристите наоѓаат помирна атмосфера, пониски температури и културни искуства. Иако не се класични летни дестинации, тие нудат комбинација од природа, историја и нов тип на туристичко доживување.
Албанија
Албанија исто така бележи нагорен тренд, со плажи, историски градови и цени што се значително пониски од многу популарни европски дестинации. Туристите ја опишуваат како место каде за исти пари добиваат повеќе – и одмор и авантура.
Шпанија
Во меѓувреме, и северот на Шпанија станува сè попривлечен за оние што сакаат да избегнат масовен туризам. Региони како Астурија и Ла Риоха нудат комбинација од плажи, зелени предели и гастрономија, но без гужвите што ги носат најпознатите туристички центри.
Трендот е јасен – туристите повеќе не бараат само дестинација, туку искуство, а сè почесто тоа го наоѓаат надвор од најекспонираните и најскапите туристички мапи.






