Добил остров на лотарија, сега го продава поради трошоците за одржување
Жител на германското гратче Кал ам Мајне продава приватен остров во Канада, којшто го добил на наградна игра организирана од компанијата за слатки „Харибо (Haribo)“ уште во 2005 година. Бараната цена изнесува 220.000 евра. Одлуката за продажба е поттикната од зголемените трошоци за одржување, како и фактот што неговите родители веќе не можат да се грижат за имотот како што тоа го правеле порано.

Изминативе 21 година, Матијас Рос (44) секоја година минувал по неколку недели на островот. Во меѓувреме, најголемиот дел од работата ја презеле неговите родители, кои патувале таму и останувале со месеци во канадската дивина за да се осигурат дека сè останува во добра состојба. Сепак, долгите патувања станале премногу напорни за нив, поради што семејството одлучи да го продаде имотот – место коешто со години им служело како засолниште и бегство од германското секојдневие.
Островот се наоѓа на езерото Бек, во канадската покраина Нова Шкотска, на околу половина час од малиот град Шелбурн. Стигнувањето до таму не е едноставно: Долг прекуатлантски лет, возење низ канадските шуми и последната етапа – со чамец. Островот зафаќа површина од приближно 6,5 хектари – отприлика колку девет фудбалски игралишта, и на него се наоѓаат дрвена колиба од 85 квадратни метри, помошен објект, мал пристап за чамци и два чамци. Водата се црпи директно од езерото, електричната енергија се обезбедува преку сончеви панели и генератор, а за тоалетот се користи систем за разложувње. Токму овие услови му даваат на имотот уникатен изглед, но истовремено бараат и редовно одржување.
Така, трошоците претставуваат посебен предизвик. Во Канада, само годишниот данок на имот изнесува околу 2.500 евра. Покрај тоа, тука се и трошоците за авионски билети, изнајмување автомобил, превоз до островот и неопходното одржување.
Така, она што некогаш изгледало како остварување на сонот, се претворило во обврска којашто чини време, пари и физички напор. Матијас сега бара купувач кој ќе го преземе овој необичен имот и ќе продолжи да го користи како приватно засолниште сред канадската дивина. За 220.000 евра, новиот сопственик добива сопствен остров, колиба и помошни објекти – заедно со сите одговорности што доаѓаат со животот далеку од цивилизацијата.





