„Бе-ем-ве“ развива систем што ја менува бојата со притискање копче

Германскиот автопроизводител „Бе-ем-ве“ (BMW) развива систем што ја менува бојата на каросеријата со притискање копче. Компанијата првпат го претстави овој концепт на „ЦЕС 2022“, кога демонстрираше возило што самото може да се менува од црна во бела боја, а потоа следеа подоцнежни верзии со повеќе бои и различни шари.

Најновата верзија на технологијата, наречена „Е Инк“ (E Ink), беше прикажана на моделот „И-икс-3“. На хаубата на автомобилот ќе може да се прикажат и анимации и разни мотиви, коишто се менуваат со копче. Системот работи користејќи милиони микрокапсули вградени во хаубата. Тие содржат пигменти што реагираат на електрични сигнали, па нивниот распоред се менува и создава различни бои или графики. Технологијата се заснова на истиот принцип што го користат читачите на електронски книги, објави „Ревија ХАК“.

„Бе-ем-ве“ верува дека ова решение би можело да донесе и практични предности. Посветла каросерија би апсорбирала помалку топлина лете, намалувајќи ја потребата за климатизација, додека потемната би ја задржувала топлината подобро в зима и би ја намалила потребата за загревање на кабината. Ова би можело да биде особено корисно за електричните автомобили, бидејќи помалку енергија би се трошела за ладење и греење, оставајќи повеќе за погон, што би можело да придонесе за подолг домет на возилото.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close