Беџети: „Европскиот фронт“ ќе се проширува со сите што мислат дека оваа влада носи антиалбански одлуки

Прашан дали веќе имаат кандидати што ќе бидат предложени за локалните избори, Беџети рече дека сè уште се анализираат кадровските решенија во „Европскиот фронт“ и другите политички партии што ќе бидат дел од коалицијата

Во моментов сè уште се одвиваат разговори, се прават анализи во контекст на прашањето за проширување на „Европскиот фронт“. Нашиот став е дека „Европскиот фронт“ ќе се проширува не само со политички партии, туку упатуваме јавен апел до сите Албанци, до сите граѓани на други етнички заедници за една широка коалиција, вели координаторот на пратеничката група на „Европски фронт“, Блерим Беџети.

Тој вели дека таа широка коалиција ќе биде со поединци, со политички партии, со невладиниот сектор и со сите што мислат дека оваа влада носи антиалбански одлуки и која во континуитет секојдневно ги деградира правата на Албанците и на другите етнички заедници.

„Ќе има еден широк фронт на овие локални избори. Ние упорно бараме и предвремени парламентарни избори на кои уште еднаш граѓаните ќе го имаат конечниот збор за делегитмирање на оваа нелегитимна власт. Не треба да бега никој од избори. Изборите се најдемократскиот чин и затоа уште еднаш упатуваме апел до овие од ВЛЕН и до ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат на идејата за предвремени парламентарни избори и граѓаните да го имаат зборот“ рече Беџети на денешната прес-конференција.

На прашањето колку е блиску или далеку приклучувањето на Арбен Таравари кон коалицијата, Беџети без да даде конкретен одговор повтори дека јавноста ќе биде известена за еден широк фронт.

„Јавноста ќе биде известена за еден широк фронт не само со политички партии, со сите поединци, интелектуалци, граѓани, ќе имаме една широка коалиција каде ќе биде изразена во форма на референдум ова незадоволство на Албанците и другите етнички заедници со овој арогантен пристап што го има Владата“рече тој.

Прашан дали веќе имаат кандидати што ќе бидат предложени за локалните избори, Беџети рече дека сè уште се анализираат кадровските решенија во „Европскиот фронт“ и другите политички партии што ќе бидат дел од коалицијата.

„Ќе има шанса секој што изразува желба да се приклучи кон оваа идеја и очекуваме со големо мнозинство да ги избереме најдобрите кандидати, има многу добри кандидати, но еден може да биде. Тоа ќе бидат достоинствени кандидати и се надеваме дека ќе имаме и предвремени парламентарни избори за да се соочиме со оваа нелегитимна власт“додаде Беџети.

Тој е убеден дека „Европскиот фронт“ ќе победи на локалните избори.

„Ние секако ќе влеземе, може и сите општини ќе ги добиеме. Не можеби, туку сигурно ќе ги добиеме“одговори Беџети.

На дополнително прашање што ако изгубат на локалните избори и ВЛЕН освои повеќе општини дали во таа ситуација размислуваат за тоа што би смениле и дали може да има и смена на лидерот, Беџети одговори дека повикуваат на предвремени парламентарни избори бидејќи „ние сме сигурни во нашата база“.

„Ние секој ден живееме со Албанците и другите етнички заедници и сме многу сигурни во тоа. Тие што се плашат од избори, тие што се поданици и се избрани од премиерот има една поговорка ’Јазикот нема коска’, тие ќе најдат разни изговори, но, бујрум на избори“,додаде тој.

Беџети на прес-конференцијата рече дека изминатата година албанскиот јазик брутално се деградира, дека законите се испраќаат само на македонски јазик, патоказите се менуваат, а повеќе од 78 институции го игнорираат законот за употреба на албанскиот јазик и се обидуваат да го укинат статусот на Инспекторатот за јазикот, каде што вработените веќе со месеци немаат плати.

„Целта е јасна, да нѐ натераат да молчиме“рече Беџети.

Тој додаде и дека од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ биле иницирани 18 предлози за укинување на секој закон што ја штити еднаквоста.

„Балансерот е укинат, вработувањата се фаворизираат за македонската етничка заедница, оправдувајќи се со лажна меритократија што ги потценува Албанците“смета Беџети.

Според Беџети, унапредувањата се даваат само за припадници на ВМРО-ДПМНЕ и нивните македонски коалициски партнери.

„Законот за правично застапување е блокиран или поточно преку процесот 10 месеци со висока тајност, утре се очекува да се донесе предлог закон кој не е за застапување, туку за понижување и целосно деградирање на клучниот столб на Охридскиот договор, правичното застапување на Албанците и другите етнички заедници. При носење на одлуки, Албанците се целосно игнорирани“, додаде тој.

Back to top button
Close