Беким Сали е избран за в.д. претседател на Алтернатива
Вицепремиерот и идниот министер за европски прашања, Беким Сали, е избран за вршител на должност претседател на партијата Алтернатива, по неотповикливата оставка на досегашниот лидер Зеќирија Ибрахими на седницата на Централното собрание.

Ибрахими во својата објава наведе дека се повлекува од функцијата поради своите политички убедувања и со цел идните одлуки на партијата и коалицијата ВЛЕН да ги носи новото раководство.
Тој истакна дека првично планирал да не се кандидира на редовниот партиски конгрес во март или април 2026 година, но динамиката во рамките на ВЛЕН го забрзала процесот. Со поддршка е избран Беким Сали, негов долгогодишен соработник, кој ќе ја води партијата до одржување на конгресот.
Во својата објава, Ибрахими направи осврт на своето 11-годишно политичко делување, нагласувајќи дека оставката не е резултат на незадоволство, туку на уверување дека партијата и ВЛЕН имаат потреба од нова енергија, нов проект и ново политичко лидерство.
Тој изрази задоволство што придонел кон повлекување на „старата, компромитирана политичка класа“ и создавање простор за нови идеи и политики меѓу Албанците во Северна Македонија.
Ибрахими нагласи дека е време за „втора етапа“ на политичката организација на Албанците во земјата и дека младите треба да добијат поголема улога. Тој додаде дека во Алтернатива биле промовирани неколку нови лица кои можат да бидат идни политички лидери.
Во завршниот дел од објавата, Ибрахими им се заблагодари на соработниците, колегите од Алтернатива и ВЛЕН, како и на своето семејство, и побара прошка од сите кои, како што рече, можеби ги повредил во политичките дебати, нагласувајќи дека лично никого не смета за непријател.
Иако се повлекува од лидерската позиција, Ибрахими останува подготвен да придонесува во партијата и во ВЛЕН преку едукација на младите и пренесување на своето политичко искуство






