Белата куќа со предупредување до Иран

Соединетите Американски Држави го предупредија Иран дека ќе се соочи со „тешки последици“ доколку продолжи, како што е наведено, бранот убиства и егзекуции во земјата, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

– Претседателот и неговиот тим јасно му порачаа на иранскиот режим дека, доколку убиствата продолжат, ќе следат тешки последици, рече Ливит.

Според неа, до претседателот на САД, Доналд Трамп, од Иран била пренесена порака дека „убиствата и егзекуциите ќе престанат“. Таа додаде и дека, според информациите со кои располага Белата куќа, 800 егзекуции во Иран, планирани за вчера, во меѓувреме се запрени.

За време на истиот брифинг, новинарите ја прашаа Ливит и за наводната имплицитна закана кон претседателот Трамп, емитувана на иранската државна телевизија. Еден новинар наведе дека во телевизискиот прилог била прикажана слика од неуспешниот атентат врз Трамп во Пенсилванија, со порака: „Овој пат нема да тргне наопаку“.

– Искрено, тоа не сум го видела, одговори Левит.

– Ќе го провериме тоа и ќе му овозможиме на претседателот и на неговиот тим за национална безбедност да ја прегледаат таа снимка за да се утврди нејзината веродостојност, додаде таа.

Иран досега не се огласи официјално ниту за американските предупредувања, ниту за наводите поврзани со телевизискиот прилог. Белата куќа не изнесе дополнителни детали за можните мерки што Вашингтон би можел да ги преземе доколку, според американската процена, насилството во Иран продолжи.

Back to top button
Close