Белгискиот принц Јоаким јавно се извини за учеството на забава во Шпанија каде се инфицирал со коронавирус

Белгискиот принц Јоаким упати јавно извинување по веста дека учестувал на забава во Шпанија и со тоа ги прекршил карантинските мерки за пандемијата и позитивниот тест на Ковид-19, што потоа следел.

Во соопштението, испратено до шпанската агенција ЕФЕ, 28-годишниот принц признава дека „не ги почитувал сите карантински мерки“.

За време на викендот се појавија информации дека Јоаким е тестиран и дека имал позитивен наод за присуство на коронавирус во неговиот организам, откако  присуствувал на забава во градот Кордоба, во провинцијата Андалузија.

Националната полиција отвори истрага за организаторите и учесниците на забавата, на која присустувале 27 лица со што ги прекршиле карантинските мерки во Шпанија, пишува весникот  „Брисел тајмс“.

Настанот предизвика реакција кај шпанските медиуми, откако беше кажано дека неидентификуван  европски принц на 24 мај пристигнал во Шпанија и дека присуствувал на забава во Андалузија.

Според „Ла Вангардија”, принцот Јоаким, кој му е внук на кралот Филип, за Мадрид заминал со комерцијален лет и бил пуштен во земјата и покрај граничните ограничувања, бидејќи работел за локална компанија.

Весникот „Стандард“ дополнува дека принцот не го испочитувал задолжителниот 14-дневен карантин по пристигнувањето од странство, туку „веднаш” го фатил возот за Андалузија.

Back to top button
Close