Светите Кирил и Методиј и ние, православните христијани

Знам, премногу смело е да се обидеме да се гледаме, дури и низ поучна метафора, со очите на големите Свети Кирил и Методиј! Затоа што тие се светители кои својата животна задача ја извршувале исполнети и водени од Светиот Дух. А ние сме обични луѓе, преполни со предрасуди, водени од духот на нашето време, кој е многу далеку од оној на нивното време.

Но, сепак, можеме да го ползуваме нивното дело како огледало – за да се видиме себеси како православни христијани во сета наша ограниченост и дребност, затвореност во своите национални наративи, преполни со желба за историска слава, бидејќи нашата стварност не е ниту малку грандиозна. Затоа на Балканот е омилено бегството во славното минато, кај освојувачите како Александар, во историската митологија и во патриотската патетика.

Кога ќе се споредиме со делото на Светите солунски браќа, најнапред сознаваме дека тие беа водени од евангелската задача која Христос им ја остава на своите апостоли: да го шират Евангелието кај сите народи! Што значи дека нивната самопрегорна предаденост на таа задача нема национален и патриотски егоистичен мотив. Тие, пред сѐ, се водени од првата и врвна заповед на христијанинот: да го љуби Бога со сето срце, со сета сила и да го љуби ближниот како себеси!

Тоа го прави духот на времето во 9-от век, за византијските поданици – Светите Кирил и Методиј – многу различен од оној што владее во некои од денешните православни национални цркви. Византија е Источното Римско Царство. Таа не била мононационална држава, како најголемиот број денешни словенски национални држави. Византија е „православен комонвелт“ (Острогорски), чиј авторитет потекнува токму од значењето на Константинопол како втор Рим.

 

Духот на „православната идеологија“

А првиот Рим, стариот Рим, знаеме дека го доби посебниот статус поради мачеништвото на апостолите Петар и Павле – со сведоштвото за воскреснатиот Христос. Токму во таа констелација, Светите Кирил и Методиј се посветуваат на создавањето азбука за „неграмотните“ словенски народи, за да го примат и тие Словото на јазикот што го разбираат. Нивното дело е во слава на Христа и на Неговата Црква.

Напротив, појавата на православните национални цркви во 19‑от и 20‑от век е длабоко поврзана со создавањето на националните држави. Во нив се создава своја, национална култура, со што, особено на Балканот, во 19‑от век се појавува меѓусебна борба меѓу црквите за територијата и за верниците.

Резултат на тој „тренд“ кај православните народи е актуелната „православна идеологија“, во која се слави сопствената „света земја“ – како почва, потекло, крв и род. Овој дух на „православната идеологија“ е многу далеку од духот во кој Светите Кирил и Методиј се труделе кон тогашните три свети јазика да се приклучи и јазикот на Словените.

Тој јазик, со нивното дело, се „осветува“, со тоа што тие на јазикот на солунските Словени го превеле Евангелието и многу други свети книги. Националните цркви кои во минатото водеа (а водат, за жал, и денес!) освојувачки војни за „светите земји“ или за „светите места“ – за да ги поседуваат како амблеми на својата партикуларна национална слава – се спротивни на етосот на Светите Кирил и Методиј, за кои била важна евангелизацијата на сите словенски народи.

Затоа, како педагошка мерка, добро е постојано да се прашуваме што би рекле Светите браќа за нас – денешните православни словенски народи на Балканот – кога се караме затоа што некој друг словенски народ ни ја „крадел историјата“, кога полемизираме која била народноста на историските личности од времето во кое за христијаните повеќе не било важно етничкото потекло.

Бидејќи сите што веруваат во Христа се нов народ – „Божји народ“, новите Евреи, „Новиот Ерусалим“! Можеби затоа промислата Божја направила да не знаеме каде е гробот на Св. Методиј, а моштите на Св. Кирил се во црквата „Сан Клементе“ во Рим – па ние, словенските и балканските народи, мораме барем еднаш годишно да „глумиме“ дека сме обединети во негова чест, но на туѓа територија.

И можеби затоа Католичката црква одамна ги прогласи светите браќа за заштитници на Европа – зашто балканските православни народи ги сакаат секој само за себе, но никако заедно, за сите.

Затоа делото на Светите Кирил и Методиј нема да го разбереме доколку се обидеме да го поставиме во тесните рамки на нашите национални наративи, бидејќи е наднационално и универзално во најдлабоката смисла.

Славењето во националните цркви на „Света Русија“, на „Небеска Србија“, на „Библиска Македонија“, како и толкувањето на старословенскиот, односно црковнословенскиот јазик како „старобугарски“ – е „модерна митологија“ што нема врска со духот на Евангелието, туку е сведоштво за комплекс на помала вредност на денешните православни народи во споредба со великаните – Светите Кирил и Методиј.

Тие делуваа од силна љубов за Христа и за ближниот. А ближните за нив не беа само најблиските по род, крв или народ, туку и непознатите – далечните Словени, но и Хазарите на Крим.

Вистинската големина на делото на солунските светители

Ние, денешните православни словенски наследници на Светите Кирил и Методиј, често се однесуваме епигонски, зашто и Црквата Христова ја ползуваме за да го славиме само својот род и народ. А Светиот Дух дува каде што сака (Јован 3,8)! Тој обновува и преобразува, но само кога нашите дела се во слава на Бога, а не во слава само на својот народ.

Светите Кирил и Методиј евангелизираа и создадоа нова азбука во Светиот Дух – што е доволно големо дело за да нѐ обедини во еден дух сите православни народи. Само така можеме вистински да им благодариме за тоа што го поставиле темелот на нашето христијанско спасение и описменување.

Напротив, националниот и културниот империјализам на православните национални цркви – кои во минатото, но и денес, сметаат дека прават евангелско дело кога практикуваат политика на тесна национална асимилација – не го познава духот во кој беше создадена глаголицата и кирилицата.

Уште потрагично е кога одредени политички и научни кругови ја користат Европската Унија за свои јазични и историски спорови. Можеме ли заедно да им благодариме на Светите Кирил и Методиј, кога сакаме сета слава да ја „конфискуваме“ само за себе – за својата нација и јазик? Какви христијани сме кога не можеме да се обединиме барем во слава и благодарност кон Бога и кон светителите кои нѐ описменилеУште потрагично е што асимилаторските политики по Балканските војни доведоа до забрани за употреба на словенскиот јазик на одредени територии – иако токму тој јазик беше основа за делото на солунските браќа. На места, тој јазик и денес се третира како „непостоечки“, иако историјата сведочи за неговото присуство.

Така се заборава вистинската големина на делото на солунските светители. А говорот на словенското население во тие региони постепено изумира, бидејќи не му се дозволува да постои.

Дали сме достојни вистински да го славиме делото на Светите Кирил и Методиј сѐ додека сме повеќе загрижени за „чистотата“ на сопствената модерна нација, отколку за верноста кон Христовата Црква – во која треба да бидеме сите браќа и сестри и да го славиме Бога на многу јазици? (Dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close