Белорусија ги закажа претседателските избори за 26 јануари 2025 година

– Белорусија, со која од 1994 година владее Александар Лукашенко, еден од главните сојузници на Москва, ќе одржи претседателски избори на крајот на јануари следната година.

„Претседателските избори во Република Белорусија ќе се одржат на 26 јануари 2025 година“, објави Централната изборна комисија на Телеграм.

На објавата веднаш  реагираше лидерката на опозицијата во егзил, Светлана Тихановска, која на Икс напиша дека „тоа ќе бидат лажни избори без вистински изборен процес, кои ќе се одвиваат во атмосфера на терор“.

„Нема да бидат примени ниту алтернативни кандидати, ниту набљудувачи. Ги повикуваме сите во Белорусија и меѓународната заедница да ја отфрлат оваа фарса“, додаде таа.

Претходните претседателски избори во 2020 година доведоа до масовни демонстрации во знак на протест против, како што рече опозицијата, лажната победа на Александар Лукашенко.

Back to top button
Close