Белорусија воведе ембарго на стоки од „непријателски земји”, меѓу кои и Северна Македонија

Белорусија од денеска забрани увоз на голем број прехранбени производи од западните земји. Власта ја усвои оваа мерка како одговор на петтиот пакет санкции на Европската унија. Декрет за ова прашање беше усвоен на 7 декември 2021 година и влијае на „широк опсег на стоки произведени во земји кои спроведуваат дискриминаторска политика и непријателство” кон Минск.

Според уредбата, ембаргото се однесува на голем број производи од земјите на ЕУ, како и од САД, Канада, Норвешка, Албанија, Исланд, Република Северна Македонија, Велика Британија, Црна Гора и Швајцарија. Списокот на забранети стоки вклучува, особено, свинско, говедско и месни производи, голем број преработени производи, млеко и млечни производи со некои исклучоци, зеленчук, освен за сеидба, овошје, јаткасти плодови, животински масти, кондиторски производи и сол.

Забраната нема да важи за производи увезени од белоруски граѓани за лична употреба, како и за храна за бебиња и многу други. Сепак, Минск се закани дека ќе ја прошири листата на забранети стоки „во случај на натамошни деструктивни дејства” против Белорусија.

Според белоруската Влада, за десет месеци во 2021 година, Белорусија увезла повеќе од 530 милиони долари (околу 466 милиони евра) од овие земји, од кои повеќето се веќе забранети.

На 2 декември, Советот на ЕУ воведе петти пакет санкции против Белорусија како казнена мерка во конфликтот околу користењето на мигрантите од страна на Минск како инструмент за притисок врз Брисел. Други 17 физички и 11 правни лица се погодени од санкциите на ЕУ: командата на белоруските гранични трупи, службеници на Министерството за надворешни работи и судската власт, државната авиокомпанија „Белавија”, туристички и угостителски компании, како и компанијата „Гродно Азот” и производствената асоцијација „Белоруснефт”.

Истиот ден, САД, Велика Британија и Канада објавија дека ќе ги поддржат санкциите на Европската унија против белорускиот режим. Американските санкции го засегаат јавниот долг на Белорусија, 20 физички и 12 правни лица, меѓу кои и Дмитриј Лукашенко, средниот син на белорускиот претседател. Покрај тоа, санкциите беа насочени и кон Белоруската компанија за калиум, „Трансавиаекспорт”, „Славкали” и „Белтехекспорт”.

Back to top button
Close