Берокал нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација

Управниот одбор на Кошаркарската Федерацијата донесе одлука за именување на Хозе Мариа Берокал за селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија. Берокал е искусен шпански тренер со импозантно портфолио зад себе, со повеќе од 35 години тренерско искуство, од кои 21 година во професионална кошарка и 14 години искуство во Евролигата, најелитното европско клупско натпреварување.
Во својата богата кариера како главен и помошен тренер, Берокал има освоено вкупно 21 трофеј, меѓу кои и две титули во Евролигата, а работел во 13 различни национални лиги и девет држави, што го вбројува меѓу најискусните интернационални тренери во европската кошарка.
Неговиот професионален ангажман вклучува работа во врвни европски клубови како Барселона, Панатинаикос, Басконија, Макаби од Тел Авив, Баерн Минхен, …
Покрај работата со сениорски екипи, Берокал има и значајно искуство во развој на млади играчи, со 15 години работа во младински категории, вклучително и освојување на две шампионски титули во Шпанија со У18 селекции.
Неговата работа е препознаена како системска, дисциплинирана и насочена кон долгорочен развој на играчи и тимови.
Ангажманот на Берокал претставува дел од стратешката определба на кошаркарската федерација на Македонија за подигнување на стручните стандарди, воспоставување на јасен систем на работа и градење конкурентна сениорска репрезентација, во тесна поврзаност со младинските селекции. Федерацијата изразува уверување дека искуството, знаењето и меѓународниот авторитет на новиот селектор ќе придонесат за стабилност, напредок и јасна визија во натамошниот развој на македонската кошарка.






