Бесими на Пролетните состаноци со  ММФ и Светска банка ќе го презентира Планот за финансирање на забрзан раст

 Министерот за финансии Фатмир Бесими, во текот на претстојната недела, ќе учествува на Пролетните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои годинава се одржуваат онлајн. Во рамки на состаноците, Бесими на меѓународните финансиски институции ќе им ги презентира економските мерки за справување со Ковид и нивното влијание врз економијата, како и Планот за финансирање на забрзан раст (Growth Acceleration Financing Plan), нов стратешки документ кој има за цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, а воедно да влијае на фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг, соопшти Министерството за финансии.

Исто така, ќе се разгледа тековната соработка и проектните портфолија со меѓународните финансиски институции, напредокот и очекувањата за идниот период. 

Планот за финансирање на забрзан раст ќе има важна улога за економијата во Република Северна Македонија и зголемување на бројот на работни места, преку користење на јавните инвестиции и средствата од официјалните кредитори за мобилизирање на приватниот капитал. Очекуваните резултати се двојно забрзување на економскиот раст (од 2,5% на 5% на среден рок), задржување на нивото на јавниот долг и буџетскиот дефицит во рамки на мастришкиот критериум и раст на јавните и приватните инвестиции.

Главната поента на планот е преку креирање и користење на нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период 2021-2025 ќе се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа, неколкукратно ќе се зголемат вкупните инвестиции во економијата и ќе се придонесе кон дополнително забрзување на растот на бруто домашниот производ и креирањето на нови работни места.

Планот особено ќе поддржува еколошки и климатски проекти, иновации, како и иницијативи за поправедно општество, наведуваат од МФ.

Планирано е да се креираат развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантен фонд, еквити фондови, фонд за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Се планираат јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање на јавни капитални проекти, но и на приватниот сектор. Тоа ќе бидат проекти кои се наведени во рамките на Националниот инвестициски комитет (НИК), како и нови проекти, кои можат да произлезат како иницијативи од јавниот или приватниот сектор.

Пролетните состаноци со ММФ и Светската банка се еден од клучните финансиски настани во текот на годината и се наменети за координација помеѓу финансиските власти, меѓународните финансиски институции, приватниот и невладиниот сектор од целиот свет  и дискусија за предизвиците и идните политики за глобалните и локалните економски цели и развој. 

Делегацијата на С Макеоднија, предводена од министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, во текот на следната недела ќе има повеќе состаноци, меѓу кои и со потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија Ана Бјерде, директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, директорот на конституенцата предводена од Кралството Холандија Кун Дејвидсе, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс и со други високи функционери на Светска банка и ММФ

Back to top button
Close