Бесими: Со Буџетот за 2024 година не се предвидуваат нови даноци
Предлог-буџетот, според Бесими, се финализира и треба да биде доставен во Собранието до средината на овој месец
Во буџетските проекции за 2024 година не се предвидуваат нови, дополнителни даноци, ниту зголемувања на давачките, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими. Предлог-буџетот, според Бесими, се финализира и треба да биде доставен во Собранието до средината на овој месец.
Според министерот Бесими, следната година се очекува да продолжи трендот на раст и на фискална консолидација, дефицитот да оди надолу, а главните економски премиси, и покрај одржувањето на изборите, да продолжат да се гледаат како постулати за одржлив раст и одржливи финансии.
„Инфлацијата за октомври се очекува да биде уште пониска од септемвриската. Бројките може да се очекуваат наредната недела“нагласи Бесими на денешната средба со новинарите.
Во однос на новите антикризни мерки, кои се најавуваат, Бесими вели дека нив ќе ги има до крајот на оваа година и на располагање се вкупно 4,6 милијарди денари. Но, како што рече, од оваа сума, 980 милиони денари ќе и бидат дадени на „Македонски железници“ за да го подмири долгот кон ЕСМ.
Бесими најави дека антикризни мерки ќе има и на почетокот на 2024 година. Мерките ќе бидат фокусирани на ранливите категории и на поддршка за стопанството, а оние за оваа година треба да ги соопшти Владата кон средината на овој месец.
Во врска со Законот за солидарен данок, тој повтори дека средствата што треба да бидат собрани во предвидениот рок, ќе одат исклучиво за антикризниот пакет.
На компаниите што нема да платат данок на солидарност на 24 ноември ќе им бидат блокирани сметките, најави Лукаревска
Бесими е дециден дека доколку Уставниот суд ја прифати иницијативата на Стопанската комора за оспорување на Законот, Министерството за финансии тоа ќе го почитува.
„Министерството не толкува судски одлуки, но секоја одлука на Уставниот суд мора и ќе се почитува“рече Бесими.
Министерот за финансии не очекува никакви фискални последици врз Буџетот од бугарската такса за рускиот гас.
„Директни последици врз Буџетот нема да има, но може да се одрази ако се вкалкулира во цената на тие што го користат“објасни Бесими.
Осврнувајќи се на годишните резултати, Бесими рече дека реализацијата на капиталните инвестиции е за 110 проценти поголема од лани. Според него пораснале и платите за 14 отсто во однос на овој период минатата година поради што, како што рече, се очекува да се зголемат продуктивноста и конкурентноста.