Бибер: Тоа што земја како Бугарија ги блокира интеграциите ја покажува моќта на Германија за проширувањето

Коментирајќи ја прошталната посета на регионот на канцеларката Ангела Меркел, Флоријан Бибер, професор во Центарот за југоисточни студии на Универзитетот во Грац, оцени дека главна порака што Ангела Меркел би сакала да ја испрати е дека се надева дека Западен Балкан ќе остане важна тема за Германија по изборите, јави дописникот на МИА од Белград.

Бибер за Н1 изјави дека нејзините пораки за напредокот на Албанија и Северна Македонија кон ЕУ ги разоткриваат границите на она што канцеларката Меркел и Германија можеа да го направат во однос на проширувањето.

-Ако имаме една земја како Бугарија, која не е најмоќна, а може да го блокира процесот на евроинтеграции, тоа ги покажува границите на германското влијание во рамките на ЕУ, изјави тој.

Бибер потсети дека, кога Ангела Меркел за прв пат ја презеде функцијата, имаше оптимистичко сценарио дека земјите од Западен Балкан може да станат членки на ЕУ, но само Хрватска влезе во Унијата.

-До одреден степен, тоа е неуспех на Германија во последните 15 години. Таа не е одговорна за тоа, но тоа ги покажува границите на германското влијание во регионот и во рамките на ЕУ, оцени Бибер.

Според него, Србија и Албанија се „клучни земји“, особено поради соработката во иницијативата Отворен Балкан и дека српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама се „најсилни политичари во регионот“, но дека посетата може нив да им испрати проблематична порака бидејќи тие повеќе се како господари отколку како политичари.

Коментирајќи ја изјавата на членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, дека Меркел ја поддржува политиката на Вучиќ, Бибер вели дека „не би го рекол тоа така едноставно“.

-Посетата не е автоматска поддршка, тоа значи дека Меркел верува дека Србија е важна земја и дека е важно да се посети, кажа тој, додавајќи „таа не беше доволно критична кон кризата на демократијата во Србија и претседателот Вучиќ“.

Back to top button
Close