„Бикини Мун“ и „Јас не сум Игор“ во официјалната селекција на МФФ Нанси Франција

Филмовите на двата македонски режисери, „Јас не сум Игор“ на младиот Сергеј Ѓеоргиев и „Бикини Мун“ на искусниот Милчо Манчевски  се најдоа во официјалната селекција на 26-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси-Франција, јави дописникот на МИА.

Краткометражниот филм „Јас не сум Игор“ во режија и сценариот на Сергеј Ѓеоргиев се наоѓа во меѓународната натпреварувачка селекција на МФФ Нанси, за која конкурираа 2871 филм од целиот свет. Во филмот се раскажува приказната на четворица млади членови на навивачката група „Комити“ кои решаваат да направат вооружен грабеж во локалната продавница, бидејќи не можат да поднесат уште еден Албанец во нивното маало. За време на нивната акција, Игор во својот дом наидува на информација многу пострашна од пиштолот во својата рака. Информација што ќе мора да ја скрие дури и од најдобрите другари. Во филмот играат Стефан Спасов, Томислав Давидовски, Мартин Минговски, Чедомир Митевски, Марија Новак, Драган Довлев, Елјеса Касо и Душица Тренева.

Филмот „Бикини Мун“ на најпознатиот македонски филмски режисер Милчо Манчевски, не треба претставување, тој е избран во најпрестижната официјална селекција на фестивалот „Под ѕвездите“. За петтиот игран филм „Бикини мун“ на Милчо Манчевски ова ќе биде француската премиера со проекција закажана за 2 и 3 септември.

Филмот на сите фестивали на кои беше прикажан доби големи пофалби, како од професионалците, така и од публиката. Потсетуваме на пишувањето Џуи Аугусто во „О Кве тем на носа естанте“: „Милчо, провокативен како и секогаш го дава најгенијалниот и најжесток коментар на информатичкото општество. Манчевски ни покажува колку е болно современото општество. Низ објективот на Манчевски гледаме лицемерно и демагошко општество населено со т.н. добри граѓани полни со ’добри намери‘ кои се, всушност, автоматизирани, апсолутно невротични и шизофрени и кои живеат во декадентно општество кое само што не колабирало. Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер-филозоф“.

Главните улоги во „Бикини Мун“ ги играат Кондола Рашад, ѕвезда на серијата „Милијарди“ и трикратно номинирана бродвејска актерка и Сара Голдберг. Директор на фотографијата е Џош З. Вајнстин, а монтажерка Ен Хусеин. „Бикини Мун“ е снимен во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.

Милчо Манчевски не и е непознат на публиката на фестивалот во Нанси, бидејќи во претходните изданија веќе беа прикажани „Пред дождот“, „Мајки“ и краткиот филм „Крајот на времето“.

Дваесет и шестото издание на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси се одржува од 28 август до 6 септември со вкупно 130 краткометражни и долгометражни филмови и над сто проекции. Тој годинава е меѓу првите фестивали во Франција што ќе се одржат физички, со публика во салите и со почитувањето на  мерките за заштита. Тој е еден од најголемите филмски фестивали во регионот Гранд Ест (Источна Франција).

На Меѓународниот филмски фестивал Нанси, чиј претседател од 2013 година е македонскиот новинар Тони Гламчевски, дописник на МИА и МРТ од Франција, во изминатите дваесетина години редовно се селектирани македонски филмови или македонски копродукции кои се претставувани пред француската публика, многу од нив се вратија од Нанси и со награди.

Минататa година воспитно-образовната екипа на филмскиот фестивал од Нанси, во соработка со Центарот за култура на Битола, Францускиот институт Скопје, Француската Алијанса и Конзулат од Битола и со финансиска поддршка од Градот Епинал-Франција, збратимениот град на Битола, го одржаа првото издание на фестивалот на Малата Школа за Краток Филм во Битола, за време на кој се организирани проекции на краткометражни филмови наменети за млада публика. Второто издание е превидено за почетокот на 2021 година, со оглед на рестриктивните мерки поради Ковид-19.

Back to top button
Close