БИЛЕТ СО ПРЕСЕДНУВАЊЕ

Нема логика да бараш логика во задрта партиска глава.

1Колку и да се трудам, не можам да замислам што ли се случува во мозоците на партиските послушници кои се избрани од граѓаните во Собранието, во општинските Совети, или во Советот на Град Скопје. Дали кога ќе станат сабајле си го оставаат половина мозок на наткасна покрај кревет и така, ослободени од здрав разум, одат да гласаат како што им кажала партијата?

Еве, на пример, може ли некој да даде здраворазумски одговор зошто советниците на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ во Советот на Град Скопје не прифатија иницијатива еден автобуски билет во градскиот превоз да важи 120 минути од првото валидирање?

Зошто овој предлог е лош? Само затоа што предлогот дојде од советничката на Левица Дарја Мустафаоглу, во градскиот превоз во Скопје да се примени практиката како што е насекаде во светот, граѓаните да не купуваат двапати билет ако менуваат автобус во ист правец.  Како во секој нормален град во светот. Не е ова единствената нормалност што му фали на Скопје, ама еве ова барем е лесно остварливо.

Не дека само Левица е во прашање. Не е првпат власта за инает, ама баш за инает, да не прифати ниеден предлог и од другите опозициони партии, па дури и од граѓанските иницијативи.

Значи, во случајов со билетите за преседнување не станува збор за заштита на идентитетот, за којзнае какви државни стратешки одлуки, за безбедност на државата, за виткање кичма, лижење чевли… Не бре, најобична, базична локална промена што ќе им го олесни животот на граѓаните. Кај нема доволно автобуси, кај се чека предолго и на тие што ги има, кај што нема редовен ред на возење, кај што цели населби не се поврзани со јавен превоз, макар да им се овозможи на тие што мора да менуваат автобус картата што ја платиле да им важи уште два часа.

Ама нема логика да бараш логика во задрта партиска глава. Како може некој друг да предложи, а тоа ним не им текнало, оти во Главниот штаб не им кажале што треба да им текне. Башка што, генералната партиска линија е да бидеш против сѐ што ќе предложи опозицијата и независните граѓански иницијативи. А особено против здравиот разум.

Баш ме интересира колкумина од тие советници на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ тој ден дошле на седницата на Советот со градски автобус. Или дошле со колите и ги испаркирале наоколу во зеленилото низ паркот. И први збореле за некаков „талог на општеството“ и „мочуришта“…

Зошто, на пример, советниците на ВМРО-ДПМНЕ беа против БРТ, а сега се „за“? Зошто не ѝ ги гласаа предлозите за купување нови автобуси на нивната Данела Арсовска, а заедно со неа победија, ветувајќи бесплатен автобуски превоз?

Да ги изгласаа автобусите на Данела, таман сега ќе им дојдеше време за испорака, па нивниот Орце Ѓорѓиевски ќе се сликаше со нив. Да го изгласаа БРТ на Шилегов, сега Орце Ѓорѓиевски од дрон со камера ќе го зумираа како ќе се вози со него.

Не барај логика во главата на партиски послушници.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК. МК

Back to top button
Close