БИРН: Обвинителството по заобиколен пат го истражува сертификатот на директорот на АНБ
Кога полициски инспектор го испитувал случајот со лажните сертификати за англиски јазик на двете директорки, доказот дека се работи за фалсификати го добил директно од американската компанија ЕТС, која ги издава сертификатите ТОЕФЛ.
БИРН открива дека станува збор за доказ што полицијата го добила за само шест дена.
Сега, во случајот со сертификатот на актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, истрагата четврти месец ја води Обвинителството.
Но, наместо преку САД да се обратат до ЕТС и бргу да добијат одговор, одат по заобиколен пат и бараат помош од Бугарија, каде што тој тврди дека го полагал испитот.
Доказ обезбеден за една недела
Направивме увид во судските списи во предметот, во кој две директорки Т.К. и С.К. беа осудени дека со фалсификуван сертификат по англиски јазик, ТОЕФЛ, биле избрани на функциите.
Во розовата папка, меѓу неколкуте докази, се наоѓа и порака што полицискиот инспектор С.В. ја пратил на три имејл-адреси на компанијата ЕТС, која ги издава ТОЕФЛ сертификатите, на 21 ноември 2023 година.
Инспекторот во имејлот напишал дека полицијата се сомнева дека два сертификати по англиски јазик се фалсификат и за тоа бара потврда од компанијата. Во прилог прикачил и копии од сертификатите од јазичното студио „Јулија“, за кои се сомневаат дека се фалсификувани.
„Со цел да се утврди дали наведените сертификати на Т.К. и С.К. се веродостојни, на 21.11.2023 година, на службената имејл-адреса на ЕТС, која е лиценцирана да ги спроведува тестовите, беше испратено барање да ни одговорат дали извештаите од полагањето ТОЕФЛ се веродостојни, дали поседуваат видеозаписи од полагањето и дали го имаат полагано испитот“, пишува во обвинението.
Шест дена подоцна, на 27 ноември, во 16.27 часот стигнал повратен имејл, заедно со два документи од компанијата, од извесен Џон Зсамар, кој е аналитичар на безбедноста на тестирањата, кој го информира полицискиот инспектор дека во нивниот систем и евиденција овие имиња не се појавуваат.
…