БИТКА ЗА РЕФУС

Не знам дали е до тоа што Македонија е мала, па сите на некој начин се познаваме, дали е до заморот од веќе тридецениската транзиција и разочараноста дека многу тешко мрдаме, или едноставно е до годините, ама искрено, мене овие избори ми се многу здодевни. Еден пријател ми вели дека му се како рингишпил што дошол сретсело. Порано му се радувавме, сега веќе не го ни забележуваме.

Сѐ е веќе видено, па и ова престројување на малите партии кои досега биле во коалиција со власта. Сега, кога гледаат дека опозицијата има изгледи да победи, ѝ се закачуваат да ги стави на некоја листа за пратеници, па после, здравје боже, може и некое место за заменик-министер ќе се најде, директор на некое претпријатие, што да е.

Ги викаат сателитски партии. Ама пак, сателит е сериозна работа. Треба на ракета да се качи. Зарем која било од овие големите партии ви личи на ракета во држава во која две и пол години се реконструира автопат од пет-шест километри од Петровец до Катланово? Значи, еве не зборуваме за Охрид-Кичево, оти и тоа е веќе здодевно. За пругата кон Бугарија, пак, ич муабет не правиме. Еве, за прав пат зборуваме. Во нива, на рамно, без мостови, без тунели, без ништо. Ма, какви сателити? Тоа се рефус партии. Носат неколку стотини гласови, па на големите им требаат за да не им се растураат. Се знае како е купувањето рефус на пазар. Дај топтан, па еве ти еден пратеник.

Тука нема визија, нема програма, нема ентузијазам, желба да се направи нешто за државата. Ова е најобична битка за вработувања со плата на товар на даночните обврзници. Некој ќе добие директорско место, а некого ќе го вработат да ниша врата. Едниот ќе мести тенедри, ќе има службена кола, ќе тргува со влијание, ќе зема дневници, ќе патува за Брисел да учи што е ЕУ, друг пак, ќе се спаси од сиромаштија со солидна државна плата, гарантиран одмор, слободни денови и празници. Така што, ова не е битка за гласови. Рефусот нема идеологија. Ова е битка за пари.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close