Битолскиот театар освои Гран при на фестивал во Крагуевац

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола освои награда Гран при на фестивалот „Јоакимфест“ што се одржа во Крагуевац, Србија.

Највисокото фестивалско признание е за театарската претстава „И коњите ги убиваат, зар не?“ од Хорас Мек Кој во режија на Мартин Кочовски.

Во одлуката на меѓународното стручно жири во состав Нада Кокотовиќ, режисер од Хрватска, Радмила Петковиќ, поетеса од Србија и Јасмина Димитријевиќ, глумица од Србија, се посочува дека наградата Гран при се доделува за најдобра театарска претстава во целина, односно за претстава која на модерен начин го презентира делото на Хорас Мек Кој. Претставата „И коњите ги убиваат, зар не?“ е снажен театарски чин кој го пробива филмско платно и доаѓа до гледачот со цела своја вистина, соопштија од меѓународното стручно жири.

Во најнаградуваната театарска претстава на битолскиот театар во оваа година „И коњите ги убиваат, зар не?“, главната улога ја толкува Илина Чоревска, а настапуваат и актерите Никола Стефанов, Валентина Грамосли, Николче Пројчевски, Анастазиа Христовска, Викторија Степановска Јанкуловска, Филип Мирчевски, Марија Стефановска, Живко Борисов, Здравко Стојмиров и Александар Стефановски.м

Back to top button
Close