Бизнисменот Зоран Илоски стана еден од најголемите акционери во ЗИК Пелагонија
Македонската берза за хартии од вредност извести за нови преструктурирања во сопственоста на Земјоделскиот комбинат Пелагонија АД Битола.

Компанијата КАНДИ ИНВЕСТ ДООЕЛ од Скопје која поседуваше околу седум проценти од акциите во ЗК Пелагонија, стана сопственик на нови акции и сега поседува вкупно 24.794 акции, односно 12,22% од вкупниот број на акциите.
„ЗК ПЕЛАГОНИЈА АД БИТОЛА, согласно чл. 38 од Правилата за котација на Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје, известува дека настаната е промена на вкупниот број акции кои ги поседува акционер со над 5% акции, бидејќи Друштвото за производство, трговија и услуги КАНДИ ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје кое поседуваше 14.258 акции, односно 7,03% од вкупниот број акции, стана сопственик на дополнителни 10.536 акции, така што сега друштвото поседува вкупно 24.794 акции, односно 12,22% од вкупниот број акции“, објави Македонска берза.
Во меѓувреме се случи нова промена во сопственоста врз акциите откако досегашниот сопственик на над 5% од вкупниот број на акции, Снежана Георгиева од Скоје, повеќе не е акционер со над 5% од вкупниот број акции.
Претходно, на почетокот август, Македонска берза објави дека бизнисменот Дејан Панделески, познат како Дејан Пелистерка и син на бизнисменот Цветан Панделески, повеќе на поседува акции кои му обезбедуваат удел поголем од 5 проценти.
Акциите ги купила компанијата Канди Инвест. Новиот акционер е фирма што се занимава со трговија на големо со жита, суров тутун, семе и добиточна храна, што го позиционира бизнисот директно во земјоделскиот сектор. Основана е во јули 2024 година, а единствен сопственик и управител е Зоран Илоски.
Според податоците достапни на Бизнис Мрежа, Канди Инвест лани остварил вкупни приходи од 805 илјади евра. Годината е заокружена со добивка од 40,3 илјади евра, наспроти првичната загубата од нешто над шест илјади евра забележана на крајот од 2024 година. Фирмата има еден вработен.
Илоски, пак, е бизнисмен со повеќегодишно искуство во раководењето со компании од земјоделско-прехранбениот сектор, меѓу кои и тетовски Жито Полог и Млекара Здравје Радово. Исто така, бил и директор на Цип Продукт – мнозинскиот акционер на Пелистерка, како и неизвршен член на Одборот на директори на Пелистерка.
Зоран Илоски во јавноста е најпрепознатлив како прв човек и управител на една од најголемите млекарници во Македонија, Млекарница Здравје Радово каде што го водеше бизнисот и брендот низ годините на неговиот најголем пазарен раст.
Илоски во минатото имаше ангажман во познатата компанија за минерална вода Пелистерка АД која е во сопственост на Панделески. Таму ја извршуваше функцијата неизвршен член на Одборот на директори.
Преку својата нова фирма КАНДИ ИНВЕСТ, Илоски изврши преземање на значителни пакети акции во ЗК Пелагонија, купувајќи ги дел од акциите кои претходно беа во сопственост на други големи акционери како Дејан Панделески и Снежана Георгиева. Со ова, тој дополнително се етаблира како крупен инвеститор во домашното производство на храна и земјоделство.






