Борел: Лидерите на ЕУ ќе разговараат за предлогот за самит ЕУ-Русија

Лидерите на 27-те земји членки на Европската унија денеска ќе разговараат за предлогот на Германија и Франција да организираат самит ЕУ-Русија, изјави високиот комесар за надворешни работи, Жозеп Борел.

„Има предлог од Германија и Франција да се одржи самит со Русија, за кој ќе разговараме“, рече тој пред почетокот на средбата.

Утрово, кабинетот на Борел потврди дека евентуална средба на лидерите на ЕУ со рускиот претседател Владимир Путин ќе биде предмет на дискусија на денешниот состанок во Брисел. Од таму истакнуваат дека по стратешката дискусија за Русија, треба да се дадат понатамошни препораки за спроведување на политиката на ЕУ кон Москва.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека дијалогот со Русија е неопходен за стабилноста на Европа.

„Станува збор за тежок дијалог затоа што не отстапуваме од нашите вредности, ниту од нашите интереси“, рече Макрон по пристигнувањето на самитот на Европската унија во Брисел.

Германската канцеларка Ангела Меркел, пак, претходно денеска изјави дека Европската унија треба да воспостави „директен контакт“ со Русија и рускиот претседател и да „создаде механизми“ за „заеднички одговор на провокациите и хибридните напади“ од Москва. 

Русија ги поддржува сите иницијативи кои можат да го поттикнат дијалогот меѓу Брисел и Москва, откако такви предлози пристигнаа од лидерите на Европската унија.

– Позитивно оценуваме такви иницијативи. Рускиот претседател Владимир Путин го поддржува создавањето механизам за дијалог и контакти меѓу Брисел и Москва, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Back to top button
Close