Борел: Руски медиуми ширеле дезинформации за вакцините на Западот
Европскиот министер за надворешни работи Жосеп Борел денеска ги обвини руските државни медиуми за ширење лажни информации за европските и американските вакцини против коронавирусот во земјите каде што, како што тврди, Русија сакала да ја продаде својата вакцина „Спутник V”.
Во објава на блог, Борел тврди дека оние кои развиваат вакцини на Запад биле „отворено исмејувани” во руските медиуми, што, како што наведе, во некои случаи довело до „апсурдни тврдења дека вакцините ќе ги претворат луѓето во мајмуни”.
– Таквите наративи очигледно се насочени кон земјите во кои Русија сака да ја продаде својата вакцина Спутник V, рече Борел, предупредувајќи дека таквите потези претставуваат закана за јавното здравје во време на пандемија на Ковид-19. Борел сепак не наведе конкретни примери.
Рускиот фонд за директни инвестиции, кој е одговорен за промовирање на вакцината во странство, до сега ја нема коментирано објавата на Борел.