Костариканската дипломатка Ребека Гринспан води во најновото неофицијално гласање за генсек на ОН
Дипломатката од Костарика, Ребека Гринспан, повторно се издвои како водечки кандидат во трката за наследник на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Гринспан доби најголема поддршка во најновото неофицијално гласање меѓу членките на Советот за безбедност на ОН, соопшти синоќа израелската мисија при Обединетите нации, повикувајќи се на извори од Советот за безбедност, пренесе ДПА.
Петнаесетчлениот Совет за безбедност во моментов се обидува да постигне договор за кандидатот преку тајни, неформални гласања.
На кандидатот му е потребна поддршка од најмалку девет членки на Советот. Петте постојани членки – САД, Русија, Кина, Франција и Обединетото Кралство – можат да блокираат кандидат со вето.
Откако Советот за безбедност ќе се договори за номиниран кандидат, тој се препорачува до Генералното собрание на ОН (составено од 193 земји-членки) за одобрување.
Не е познато дали некоја од петте постојани членки на Советот за безбедност гласала против Гринспан. Нивните гласови обично се идентификуваат подоцна во процесот преку гласачки ливчиња означени со бои.
Досега се одржани три неофицијални гласања. Гринспан (70) водеше и во првиот круг.
Амбасадорката на Гвајана во ОН во Њујорк, Керолин Родригез-Биркет, го зазеде второто место на најновото гласање, а по неа следуваат шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, и угандискиот политичар и дипломат Олара Отуну, кои добија по пет гласа „за“.
Во моментов за функцијата се номинирани осум кандидати, иако во трката во секое време можат да се вклучат и други кандидати.
Мандатот на Гутереш завршува на 31 декември, по два мандата на чело на ОН.






