Борисов: За оставки ќе разговараме по 1 јануари и влезот во еврозоната

Лидерот на бугарската партија ГЕРБ, Бојко Борисов, денеска изјави дека ги слуша барањата на сите демонстранти, додавајќи дека можноста за оставка на Кабинетот ќе се разгледува по први јануари и прифаќањето на европската валута.

Борисов посочи дека бугарската Влада, составена од партиите ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија), БСП (Бугарска социјалистичка партија) и ИТН (Постои таков народ), поддржана од „ДПС (Движење за права и слободи) – Нов принцип“, нема да размислува за оставка пред земјата официјално да влезе во еврозоната на 1 јануари.

– Јас сум научен да го слушам гласот на секој граѓанин и ги гледам граѓаните на протестот. Политичките партии, дали се сакаме или не, кој каква стратегија има – тоа си е негова работа, но во текот на овие години не може да ми се одрече дека сум ги слушал граѓаните, рече Борисов. Тој и претходно поднесувал оставка на Влада под притисок на улични протести, но во 2020 година одби да го стори тоа.

 

Борисов е дециден дека влезот во еврозоната е клучна цел.

– Остануваат уште 20 метри до целта – на 1 јануари да влезе еврото. Тоа е геостратешка задача, сакам да ја завршам до крај. Им го објавив тоа на сите партнери и затоа ќе бидеме консолидирани во овие денови, не од инает, туку до влезот на земјата во еврозоната, истакна Борисов.

Тој додаде дека не се срами од постигнувањата на Владата: Тоа што го направивме – да влеземе во Шенген, да го договориме Планот за закрепнување и отпорност (ПВО), да собереме над 8 милијарди повеќе од царини и даночни измами – тоа се работи од кои јас не се срамам.

Според неговите зборови, светот се наоѓа во „совршена бура“. „Никогаш немало толку сложена состојба. А во Бугарија, партиите кои се од европски семејства кои управуваат заедно, се караат најмногу“, изјави Борисов.

Back to top button
Close