Бран семејно насилство низ државата: Закани со оружје, тепање сопруги и напад врз мајка

Screenshot

Девет случаи на семејно насилство се регистрирани во последното деноноќие низ државата, а седум лица биле лишени од слобода, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Во Куманово, полицијата привела двајца мажи. Во првиот случај, 49-годишен кумановец физички ја нападнал својата мајка, додека во вториот, 34-годишник ја нападнал сопругата.

Во Скопје, полицијата привела 40-годишен маж кој, и покрај судска забрана за приближување и отстранување од домот, упатувал закани кон својата 68-годишна мајка во семејниот дом во Карпош.

Друг скопјанец, 45-годишник, бил приведен откако физички ја нападнал својата 33-годишна партнерка во дом во Аеродром и ѝ се заканувал со огнено оружје. Според пријавата, тој и претходно бил насилен, но случаите не биле пријавувани.

Во Бит Пазар бил приведен 34-годишен маж кој физички ја нападнал сопругата, а според пријавеното, подолг период ја малтретирал психички и физички.

Полицијата привела и 16-годишник од Скопје, кој во семејниот дом во Центар физички го нападнал својот татко.

Во уште еден случај, полицијата извршила службен разговор со 33-годишен жител на скопско село, по пријава дека физички ја нападнал сопругата и ѝ се заканувал со остар предмет. Жената изјавила дека пет години трпела психичко и физичко насилство, но досега не пријавувала.

Во Скопје, 37-годишна жена пријавила дека била физички нападната од својот партнер, турски државјанин, во сместувачки објект на подрачјето на Бит Пазар.

Во Штип, полицијата привела 44-годишен маж откако, според пријавата на неговата сопруга, по расправија го турнал нивниот малолетен син.

Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и најавуваат соодветни пријави по нивното целосно документирање, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close