Британија ќе ги замрзне имотите на повеќе од 100 руски олигарси и соработници на Путин

Стотици руски олигарси, организации и поединци треба да бидат погодени со санкции на британската влада, откако брзо се усвои нацрт-законот за таргетирање на „валканите пари“ во Обединетото кралство.

Со санкциите ќе се замрзнат нивните имоти, а владата, исто така, се подготвува да воведе царини за голем број руски стоки, вклучувајќи вотка и кавијар.

Владата беше критикувана поради брзината на воведување на британските санкции на богатите поединци и беа поставувани прашањата зошто САД и ЕУ можеа да се движат побрзо.

Како резултат на тоа, новите закони за справување со „валканите пари“ беа брзо спроведени низ парламентот во обид да бидат таргетирани руските олигарси поради инвазијата во Украина.

Законодавството треба да воспостави нов регистар на странски субјекти кој бара од странските сопственици на имот во ОК да го пријават својот вистински идентитет.

Регистарот ќе треба да се ажурира секоја година, а казните за непријавување детали или доставување лажни информации ќе резултираат со замрзнување на имотот, кој не може да се продава или издава.

Според „Тајмс“, владата, исто така, се очекува да воведе царини од 5 милијарди фунти за руската вотка, крзно и други стоки како дел од масивните нови санкции.

Од денеска руската вотка, вклучително и популарните брендови како „Руски стандард“, ќе биде забранета како дел од тековните економски санкции против земјата.

Ќе бидат забранети и други руски луксузни стоки како кавијар и дијаманти.

 

 

Back to top button
Close