Британија со 6.000 полицајци на улиците ќе го чува мирот во земјата
Британската полиција денеска соопшти дека 6.000 полицајци се подготвени за справување со уличните немири кои избувнаа по трагедијата во Саутпорт. За ова вчера пред граѓаните се обрати и градоначалникот на Лондон, Садик Кан и апелираше да се смират страстите.
Повеќе од 400 луѓе веќе се уапсени поради немирите што ја зафатија Британија, а кои избувнаа по трагедијата во Саутпорт, каде три девојчиња беа убиени во напад со нож минатата недела, пишува британскиот Телеграф.
Градоначалникот на Лондон Кан на платформата „Икс“ напиша дека насилството и немирите нема да се толерираат.
„Немирите, расизмот и насилството што можевме да ги видиме во последната недела низ целата земја се навистина шокантни. Свесен сум за извештаите на десничарските групи дека ќе нападнат одредени локации во Лондон и што можам да кажам е дека ако се прекрши законот треба да се биде свесен дека прекршителите ќе ги сносат последиците, напиша Кан на „Икс“.
Тој истакна дека полицијата работи со општинските службеници и раководителите на локални организации за да се заштитат локациите кои потенцијално би можеле да бидат цел.