Британска банка финансирала терориристи: независен експерт ги открил скриените трансакции
Британска банка која избегна гонење за перење пари извршила трансакции во вредност од милијарди долари за финансирање терористички групи, се тврди во тужба поднесена во САД. Standard Chartered (SCB), една од најголемите британски банки, избегна гонење од страна на американското Министерство за правда, откако владата на Дејвид Камерон, поранешен британски премиер и актуелен министер за надворешни работи, интервенираше во нејзино име во 2012 година.
Новите документи доставени до судот во Њујорк наведуваат дека од 2008 до 2013 година банката извршила илјадници трансакции во вредност од над 100 милијарди долари со што ги прекршила санкциите наметнати на Иран. Независен експерт поврза трансакции од 9,6 милијарди долари со поединци и компании за кои американската влада верува дека финансираат терористички групи; меѓу нив се Хезболах, Хамас, Ал Каеда и Талибанците. Банката ги отфрли овие наводи.
Standard Chartered пред десет години беше обвинета за фалсификување податоци за трансакциите на меѓународниот платен систем Свифт за да префрли милијарди долари преку својата филијала во Њујорк во име на санкционирани субјекти како што е Централната банка на Иран.
Меѓутоа, во септември 2012 година, Џорџ Озборн, тогашниот канцелар во владата на Дејвид Камерон, тајно интервенираше во корист на банката. Три месеци подоцна, американското Министерство за правда ја отфрли натамошната кривична постапка против банката.
Банката двапати призна дека ги прекршила санкциите против Иран и други земји – прво во 2012 година, а потоа во 2019 година – плаќајќи казна од околу 1,7 милијарди долари. Истовремено, таа не признала дека правела трансакции во корист на терористичките организации, пишува Би-Би-Си.
Трансакциите биле скриени во доверливи банкарски табели кои првпат им биле предадени на американските власти во 2012 година од двајца свиркачи, вклучувајќи го и поранешниот директор на Standard Chartered, Џулијан Најт