Будимпешта го обвини Зеленски дека ја претворил Унгарија во оперативно поле за своите разузнавачки служби
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски веднаш да им наложи на своите агенти да се вратат во нивната земја. Во својата објава на Фејсбук, Орбан го повика Зеленски и да ја почитува волјата на унгарскиот народ, објави МТИ.

Тој истакна дека Унгарија наводно станала зона за украински разузнавачки операции пред претстојните избори во земјата, тврдејќи дека украинските агенти се активни во унгарската политика и партии, вклучително и опозициската партија Тиса.
Унгарскиот премиер додаде дека странските оперативци имале за цел формирање проукраинска влада која би ја поддржала војната, би го ограничила пристапот до евтина руска енергија и би ги пренасочила унгарските пари кон Украина.
Тој нагласи дека унгарските власти постојано работат на спречување на странско мешање во изборниот процес и дека прават сè за да обезбедат граѓаните да можат да гласаат без странска манипулација.
Претходно унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го нарече неприфатливо тоа што Украина ја претворила Унгарија во оперативно поле за своите разузнавачки служби пред парламентарните избори во април.
Во видеопорака на Фејсбук, Сијарто рече дека активностите на Украина претставуваат очигледен напад врз суверенитетот на Унгарија.
„Имаме сè: соработка на унгарски новинар со странски разузнавачки служби, сериско прислушување на унгарскиот министер за надворешни работи и обука на украински ИТ-експерти во (опозициската партија) Тиса“рече Сијарто.
Според него, сето ова треба да ги убеди оние што сè уште се сомневаат дека странските разузнавачки служби влијаат на унгарските избори.
„Важно е на 12 април да се донесе одлука што ќе ѝ овозможи на Унгарија да остане земја на мир и безбедност. Не смееме да дозволиме странски служби да наметнуваат странски интереси на Унгарија, не смееме да дозволиме да нè влечат во војна, да донесат мигранти или да ги префрлаат нашите пари во Украина“,нагласи Сијарто, додавајќи дека сите мора да излезат на гласање на 12 април.
На 12 април 2026 година во Унгарија се одржуваат парламентарни избори, на кои граѓаните ќе ги изберат сите членови на Националното собрание за четиригодишен мандат.
Главните политички сили на изборите се владејачката партија Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан и опозициската партија Тиса на Петер Маѓар.






