Бугарија не ја бара Ива Михајлова и нема да ја екстрадира во Македонија

Државјанин на Република Бугарија не може да биде екстрадиран на друга држава или на меѓународен суд за целите на кривично гонење, освен ако тоа не е предвидено со меѓународен договор што е ратификуван, прогласен и стапен во сила за Република Бугарија“ – соопшти денеска бугарското Мининистерство за внатрешни работи во врска со случајот со Ива Михајлова, по која македонското МВР распиша меѓународна потерница, откако викендов таа избега во Бугарија, а во судот во Кочани ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици.

 

– На 13 октомври во 19:38 часот, Дирекцијата за меѓународна оперативна соработка (DIOC) прими известување од Интерпол Скопје со барање за распишување меѓународна потерница за апсење и екстрадиција на Ива Михајлова – државјанка и на Бугарија и на Република Северна Македонија. Во известувањето беше наведено дека против Михајлова се води постапка за сообраќаен прекршок (дело казниво според член 300 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија) и дека Судот во Кочани издал налог за нејзино апсење на истиот датум – 13 октомври 2026 година. До овој момент, за Михајлова не е издадена „Црвена потерница“ (Red Notice). Бугарските власти не презеле никакви дејствија за лоцирање на лицето на бугарска територија. Потсетуваме дека, согласно член 25, став 4 од Уставот на Република Бугарија: „Државјанин на Република Бугарија не може да биде екстрадиран на друга држава или на меѓународен суд за целите на кривично гонење, освен ако тоа не е предвидено со меѓународен договор што е ратификуван, прогласен и стапен во сила за Република Бугарија.“ Член 6, став 1а од Европската конвенција за екстрадиција предвидува: „Секоја договорна страна има право да ја одбие екстрадицијата на своите државјани.“ – се наведува во соопштението од бугарското МВР.

 

Македонските власти реагираа за бегството на Михајлова и за начинот на кој е пречекана во Софија, оценувајќи дека тоа претставува провокација која ги подрива напорите за градење доверба и развој на добрососедските односи, како и мешање во правниот систем на државата.

 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и вицепремиерот Александар Николоски вчера изјавија дека очекуваат Бугарија како земја членка на НАТО и на Европската Унија, да постапи по издадената меѓународната потерница, да ја уапси Михајлова и да ја врати во Макеоднија.

 

Ива Михајлова, која има и бугарско државјанство, во Македонија е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. По нејзиното бегство од земјава, по неа е распишана централна и меѓународна потерница, а кочанскиот суд и одреди мерка притвор во траење од 30 дена. За неа беа изречени мерки на претпазливост а и беа одземени патните документи.

 

Македонското МВР претходно соопшти дека таа нелегално излегла од Македонија и нелегално влегла во Бугарија.

 

– Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија – соопшти МВР.

 

Бугарските медиуми објавија дека Михаилова се наоѓа во Софија, иако претходно ѝ биле одземени двата пасоша – македонскиот и бугарскиот, како дел од превентивните мерки со кои требало да се спречи нејзино заминување од државата

Back to top button
Close