Бугарскиот амбасадор повикан во МНР за случајот со Михаилова: Провокација и мешање во нашиот правен систем
Според соопштението од средбата кое го објавија од МНР, на абасадорот Желјазко Радуков му било посочено дека начинот на кој Михаилова била пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, е провокација која ги подрива напорите за градење доверба и е спротивно на заложбите за развој на добрососедските односи
Бугарскиот амбасадор во земјава Желјазко Радуков, денеска бил повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во врска со случајот со Ива Михаилова, која од вчера е во Бугарија.

Според соопштението од средбата кое го објавија од МНР, на абасадорот му било посочено дека начинот на кој Михаилова била пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, е провокација која ги подрива напорите за градење доверба и е спротивно на заложбите за развој на добрососедските односи.
„Воедно, беше нагласено дека ваквото постапување претставува директно навлегување во правниот систем на нашата држава и испраќа сериозно погрешна порака во однос на почитувањето на судските постапки и принципот на еднаквост пред законот. Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смеат да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции“,велат од МНР.
На Радуков му било посочено дека од Бугарија, како земја членка на ЕУ, се очекува да постапува согласно основните европски принципи во однос на почитувањето на судските постапки, институционалната соработка и владеењето на правото. Му било пренесено и дека МНР за случајот ќе ги информира ЕУ и Советот на Европа.






