Бугарскиот министер за транспорт и врски: Изградбата на Коридорот 8 е приоритет
Бугарскиот министер за транспорт и врски Гроздан Караџов, на средбата со германската амбасадорка во Софија, Ирене Планк категорично изјавил дека изградбата на Коридорот 8 е приоритет.
„Пред две години, како министер за регионален развој, предложив проекти за поврзување со Романија и Северна Македонија. Еден од нив е за експресниот пат Дупница – Ѓуешево, за кој почнав со подготовки за геолошки преглед. И ова е тесно поврзано со другите проекти“, рече Караџов. Тој потсети дека нацрт меѓувладиниот договор за изградба и работа на идниот тунел на Коридорот 8 е доставен до Северна Македонија на 15 јануари 2025 година.
Бугарскиот министер и рекол на германската амбасадорка дека Министерството за транспорт и врски ќе се потпре на германското искуство во областа на безбедноста на транспортот.
„Ова е мојот врвен приоритет. Додека во железничкиот транспорт одговорноста за безбедност е на една институција, во патниот транспорт има 5 управи. Како вицепремиер одговорен за безбедноста на патиштата, ќе ги соберам сите институции за да изготвиме патоказ за заеднички акции“, рече Караџов.
Амбасадорката Ирене Планк изрази поддршка за напорите на Министерството за транспорт и врски за модернизација на транспортната инфраструктура и за иницијативите за подобрување на безбедноста. Таа ги нагласи можностите што произлегуваат за Бугарија од Планот за закрепнување и отпорност.