Бууууу-гарија

Бугарија, всушност, бара нежна окупација. Сакаат да нѐ окупираат, ама со наша согласност. Да имаат поправен испит од историјата кога беа на страната на фашистите.

Тогаш бугаризацијата ја правеле со жесток ќотек, сега сакаат да ја прават со силата на ЕУ. И во име на солидарност, бара од сите останати 26 земји-членки да ја поддржат во тврдењето дека: прво, не постои македонски народ, второ, не постои македонски јазик и логично на тоа се надоврзува и трето, не постои македонско малцинство во Бугарија. Ама, бидејќи и самите знаат дека барањата за Европската унија се сосема бесмислени, и за да не звучат фашистички, пробуваат да ги завиткаат во бирократски речник, па си додаваат приказни за некакви поглавја, добрососедство, коридори, распореди на активности… Секогаш постои опасноста Европската унија по принципот на солидарност – „тие се внатре, а вие сте надвор“ – да го одложува почетокот на преговорите.

Премиерот Заев вели дека ако не успееме ние да влеземе во Европа, тогаш ќе ја донесеме Европа тука. Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров вели дека „ако Бугарија не се повлече, ќе мора да најдеме други начини да се европеизираме“. Тешко е. Да беше лесно ние и досега ќе се европеизиравме. Макар што, датумот како датум не значи ништо.

Тој е само продолжување на еден пат по кој веќе сме тргнале. Ама, нели стасавме до тука, веќе нема откажување. Батали ја Бугарија. Не ги лути пријателите. Не им одмагај на тие што сакаат да ти помогнат. Побарај ја сета можна поддршка од сите останати земји-членки на ЕУ што имаат добра намера. И не само од ЕУ. Тука се и САД и Велика Британија и Швајцарија и Норвешка… од каде што исто така можеме да учиме за демократија, пазарна економија, независно судство, независни медиуми, антикорупција…

Не се само Бугарија, Полска и Унгарија примери за добро владеење и човекови права. За што би преговарале ние со Бугарија? Влезот во ЕУ има смисла само ако преку реформи ни се подобри квалитетот на животот. А не за да докажуваме дали постоиме или не.

Целата колумна на СДК.мк

 

Back to top button
Close