Центар за граѓански комуникации: Набавките за ковид-19 во земјава изобилуваат со висок ризик од корупција
Центарот за граѓански комуникации го објави извештајот за јавните набавки за заштита од ковид-19 изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во првото полугодие од 2021 година. Мониторираните постапки претставуваат 38 отсто од сите ковид-19 тендери во периодот на мониторинг, а нивната вредност од 5,7 милиони евра е 36 отсто од вредноста на сите тендери за ковид-19 во анализираниот период.
Мониторингот на Центарот за граѓански комуникации ги детектирал следниве клучни проблеми и ризици од корупција:
И во 2021 година јавните набавки поврзани со ковид-19 изобилувале со проблеми и со ризици од корупција, иако зад институциите е цела една кризна година на искуство каква што беше 2020. Иако набавувале исти стоки, услуги и работи – отсуствува воедначеност меѓу институциите во описите на предметите на набавка, што е случај дури и кај институциите со исти или слични потреби (клиники, ковид-центри, итн.)
Цените на набавените стоки се највисоки онаму каде што имало само една понуда или останала само една понуда по исклучувањето на другите во фазата на евалуација.
Така, кај набавките на ракавици, онаму каде што имало конкуренција ракавиците чинеле 2,43 денари, а во тендери во кои е добиена само една понуда ракавиците достигнале цена од 11,21 денар, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Најчесто не постоела зависност помеѓу цената и количината на набавените производи во смисла на тоа за поголема количина да се постигнуваат пониски цени и обратно. Па така, 5 000 респираторни маски Н95 се купувале по цена од 9,73 денари, а 60 000 вакви маски по цена од 41 денар.
Проценетите вредности на набавките често биле неколкукратно повисоки од цените добиени на тендерите или од пазарните цени што укажало на нереално планирање на набавките кое е проценето како ризично доколку намерно се остава простор за склучување договори по нереално високи цени со што ќе има и доволно пари за корупција.
Во ниту една од мониторираните постапки за јавна набавка не била почитувана ниту законската обврска за детално образложение за потребата од набавката, во смисла на објаснување зошто на институцијата ѝ се потребни конкретните квалитет и количина од предметот на набавка.
Во некои тендери, дискриминаторски елементи се прикривале токму во деталните и обемни описи на предметот на набавка, иако стандардот што го наведуваат во себе секако ги вклучува сите тие карактеристики.
Во 20 отсто од тендерите имало исклучување на понуди, во кои од вкупно 93 понудувачи исклучени биле 26, односно 28 отсто.
„Во делот на реализацијата на договорите за јавни набавки, фокусот се става на материјално-финансискиот аспект, а многу помалку на квалитетот на примените предмети на набавка. Забележани се случаи и на набавки на количини кои се значително повисоки од планираните – се додава во извештајот за јавни набавки на Центарот за граѓански комуникации.