Чекајќи го Трамп да „пресече“

Денко Малески

Новата македонска власт со душа го чекаше доаѓањето на Доналд Трамп за претседател на Америка. Се надева дека, ако се исчека Бајден ќе најде спас од „францускиот предлог“во новата американска политика под Трамп. Лозинката која се пушти во јавноста беше дека Трамп ќе „пресече“ во сите балкански спорови па и во спорот помеѓу Македонија и Бугарија. Како тоа ќе го стори и од каде убеденоста дека ќе „пресече“баш на наша страна? И, дали во отсуство на секаков интерес за иднината на ЕУ, а камоли за иднината на Македонија, администрацијата на Трамп, воопшто, ќе се зафати да „сече“? Надежите дека новата администрација ќе дејствува во наша полза, произлегоа од серија средби на премиерот и неговите соработници со луѓе блиски до сегашниот американски претседател и очигледните взаемни сипатии кои се резултаа од тие средби. Симпатии кон една мала држава кај политичките водачи на големата сила се многу важни. Во таа смисла, важни се и средбите на премиерот со влијателни американски личности на новата администрација. Но да се гради целата државна стратегија врз симпатии а не врз државни интереси е опасно за малата држава.
Во деведесеттите , нашите надежи беа во заменикот а потоа и државниот секретар на САД Лоренс Иглбергер. Организатор на американската помош за настраданите во скопскиот земјотрес, младиот секретар на амбасадата во Белград, тогаш го добил прекарот Лоренс од Македонија. И навистина. Неговите симпатии беа целосно на наша страна. Но, бргу разбравме дека интересите на Америка беа на другата страна. Што мислите што пресуди? Интересите на државата, се разбира. Интересите покажуваа кон Грција и нејзината перфектна географска локација како мост во Медитеранот помеѓу Европа и Азија и како држава на чија што територија САД имаат воени бази. Згора на тоа, влијателната грчка дијаспора значеше многу во битката за гласови на претседателските избори.И да не заборавиме: ова се случуваше во ерата на таканаречениот „униполарен момент“ во кој Америка немаше конкурентска голема сила.Кога, како што упорно повторуваа некои наши аналитичари, Америка можеше се, ама не сакаше да стори ништо за нас. Всушност, дека сакаше Македонија да пропадне.
Денес, кога сме во спор со ЕУ и Бугарија,ситуацијата е далеку посложена. Американската моќ е во опаѓање во светот. Конкурентските големи сили, како Кина и Русија, го барат својот дел од светската економија и светската политика. Притоа, имаме претседател на Америка чија надворешна политика отворено се нарекува „трансакциска“. Поинаку кажано: нула симпатии, само интерес. Како со нашите лични трансакциски сметки на банка. Со таа политика и со воинствените изјави искажани во плановите за Панамскиот канал, иднината на Гренланд и на Канада, Доналд Трамп им втера страв во коски на политичарите во светот. Последно нешто што им паѓа на памет на европските политичари е да го антагонизираат новиот американски претседател. Знаат, имено, дека човекот за кого мнозина велат дека е ментално неизбалансиран да биде претседател на Америка и дека, во идеалниот свет, не би требало да му се дозволи пристап до било каква власт, може да се повлече од НАТО и да ги остави сојузниците на цедило. Оттаму и молкот. Европските политичари се зафатени со парализирачки страв од новиот американски претседател. Трамп е секако свесен дека му се плашат и тоа го користи, но доколку никој не му се спротистави ќе продолжи да го користи истиот метод и во иднина, се додека му се може.
Стар е тоа метод: Снимаме документарен филм за Вас другар Сталин, Дали сакате да направиме да ве сакаат или да ви се плашат? Да се плашат, одговорил Сталин. Зашто денес сакаат, утре не сакаат. Ама стравот останува.

Back to top button
Close