Четиридневна национална жалост во Грција поради смртта на поранешниот премиер Симитис

Поради смртта на поранешниот грчки премиер Костас Симитис, со одлука на Владата, во Грција е прогласена четиридневна национална жалост, а погребот ќе биде в четврток со почести како за премиер во функција, јави дописничката на МИА од Атина.

Поранешниот премиер на Грција и поранешен лидер на ПАСОК, ненадејно почина вчера наутро на 88-годишна возраст, а пораки со сочувство упатија грчката претседателка, грчкиот премиер, лидерот на ПАСОК, како и претседателите на опозициските партии.

Национална жалост во Грција се прогласува по трагичен настан како што беше железничката несреќа кај Темпи во 2023 година и катастрофалните пожари во близина на Атина во 2018 година, но и по смрт на поранешен функционер или важна личност во земјата, а предвидува знамињата да бидат на половина копје, може да бидат затворени и дел од јавните служби, како и училиштата, иако во конкретниот случај, засега, не постои ваква одлука.

И покрај четиридневната национална жалост, денеска во Грција се прослаувава празникот Водици и сите манифестации во земјата се одржуваат регуларно.

Симитис беше премиер во периодот од јануари 1996 до март 2004, меѓу најважните успеси во неговиот мандат е членството на Грција во еврозоната, додека неговиот осумгодишен премиерски мандат беше поврзан и со големите инфраструктурни проекти за подготовка на Олимписките игри и интеграцијата на Кипар во Европската унија.

 

На крајот од октомври 2000 година, како премиер на Грција го посети Скопје за време на Конференцијата на балканските земји и се сретна со тогагшниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, а според натписите во медиумите од тој период, претседателите на двете Влади, тогаш интензивно разговарале за постигнување решение за името, додека „Република Горна Македонија“, бил предлогот што бил на маса.

Како поранешен премиер често ја истакнуваше потребата за изнаоѓање решение на спорот меѓу двете земји, меѓутоа за Договорот од Преспа, при еден од неговите говори во Солун рече дека „проблемот требаше да се реши, но решението не е задоволително“.

Симитис во Грција се сметаше за умерен и политичар и е меѓу најважните премиери на земјата.

Во неговата политичка кариера, пред да стане премиер, беше министер за финансии, за трговија, за образование, за индустрија и енергија, додека пак речиси 24 години (од 1985 до 2009) беше пратеник во грчкиот Парламент

Back to top button
Close